ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Опсежни дискусии на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за актуелните предизвици во локалната власт
20 ноември 2018
 

Опсежни дискусии на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за актуелните предизвици во локалната власт

Управниот одбор на ЗЕЛС, на 15 ноември, 2018 година, во просториите на Заедницата, ја одржа седмата седница. Беа разгледани значајни прашања од актуелните состојби со кои се соочуваат локалните, а се говореше и за одредени активности на ЗЕЛС.

Поддршка за формирањето на локални совети за справувањето со предизвиците со тероризмот, насилниот екстремизам и радикализацијата

Претставник од Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, говореше пред членовите на УО на ЗЕЛС, за целите на ова тело и за неговото значење во справувањето со предизвиците со тероризмот, насилниот екстремизам и радикализацијата што се присутни на глобално но, и на регионално ниво. Во таа насока беше посочено дека Националниот комитет во својата програма предвидува формирање на локални совети за превенција, во кои ќе учествуваат претставници и од локалната заедница. За формирањето на овие совети како и за реализација на нивните активности, претставникот од Националниот комитет побара поддршка од локалната власт. Управниот одбор донесе заклучок ЗЕЛС да упати препорака до сите општини да обезбедат успешна, взаемна соработка со Национален комитет во сите сегменти каде тоа општината може да го стори а, се со цел навремено и адекватно справување со појавите на насилниот екстремизам и тероризам во нашата земја.

Да не се отстапува од Правилникот за начинот и условите за овозможување на услугите кон општините

Присутните разгледаа и неколку дописи што локалните власти ги испратија до ЗЕЛС. Беше одбиено барањето на општина Пласница да добие пристап до информацискиот систем за јавно наддавање при располагање со движни и недвижни ствари, што и беше одземен поради неисплатен долг кон ЗЕЛС, по основ на членарина. Всушност, ставот на Управниот одбор е да не се отстапува од Правилник за начинот и условите за овозможување на услугите кон општините, што е донесен пред повеќе години, бидејќи тоа ќе предизвика неправичност во однос на општините кои редовно и навремено ја плаќаат членарината кон ЗЕЛС. Општините кои не можеле редовно да ја реализираат оваа обврска кон ЗЕЛС треба да го репрограмираат заостанатиот долг и да склучат нов договор со ЗЕЛС за негово отплаќање на повеќе рати. Членарината што ја плаќаат општините е главниот извор на финансирање на ЗЕЛС.

ЗЕЛС се залага за продлабочување на децентрализацијата а не за враќање назад, кон централизација

На седницата беше разгледан и дописот на Општина Гостивар за одземените надлежности во образованието, од страна на Министерот за образование и наука што се случи уште пред девет месеци. Управниот одбор заклучи да се упати допис до МОН да се варат одземените надлежности на оваа општина, со цел таа да продолжи да ја спроведува и оваа децентрализирана надлежност. Управниот одбор на ЗЕЛС изрази незадоволство во однос на ваквата драстична мерка, преземена од МОН, особено, што во изминатиот период локалните власти имаа многубројни објективни причини да се откажат од истата и комплетно да ја предадат во надлежност на централната власт. Сепак, тоа не се случи во ниту еден момент, бидејќи единствена цел на локалните власти и на ЗЕЛС е развивање на децентрализацијата на власта, а не нејзино враќање назад, кон централизација.

Изнесена иницијатива за враќање на статусот на месните заедници, како правни лица

Од страна на општина Гостивар беше доставено и барање за покренување на иницијатива за враќање на статусот на месните заедници, како правни лица, што им беше одземен со Законот за локална самоуправа. Тоа ќе овозможи враќање на нивната функционалност, како и поголемо активирање на граѓаните во креирање на политиките и решавање на проблемите на локално ниво. Управниот одбор истакна дека на ова прашање треба да му се посвети посеопфатна и посериозна анализа. Исто така, беше посочено дека оваа иницијативата за измени на сегашниот статус на месните заедници треба да претставува дел од низа други клучни прашања од значење за сите единици на локалната самоуправа, што се дефинирани во Закон за локална самоуправа.

Потреба од усогласување на разликите на цените утврдени во Уредбата за висината на цената на градежното земјиште…

Разгледана беше и иницијативата на Општина Кочани за измена на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште, сопственост на РМ и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп, како и за засновање на право на стварна службеност, што била доставена до општината, од страна на група на граѓани. Станува збор за утврдена цена за постапките при откуп на земјиштето по пат на непосредна спогодба, а најчест случај се постапките за стекнување со право за откуп на дворното место на градежната парцела врз основа на објект што добил правен статус. Во барањето е наведен пример дека согласно Уредбата, за општина Кочани, за туристичката локација Пониква, на Осоговски Планини, висината на цената на градежното земјиште (дворно место за објекти А-4 времено домување) изнесува 900,00 денари/м2, додека за соседната општина, Пробиштип, исто така за Пониква, кое е на поатрактивна локација, утврдената цена е пониска и изнесува 500,00 денари/м2. Општината смета дека реакциите на граѓаните се засновани. Управниот одбор на ЗЕЛС го разгледа барањето и ја задолжи стручната служба да се обрати до Владата на Република Македонија со барање да се усогласат разликите во цените утврдени во Уредбата, со цел да се стават во рамноправна положба општините, особено во граничните подрачја помеѓу две катастарски општини, а по претходна консултација со нив.

Прифатен предлогот за иницирање на нов Закон за јавни патишта и повторно враќање на средствата од акцизата од деривати за нафта за општините

Сообраќајните инспектори и инспекторите за патен сообраќај од локалните власти се соочуваат со низа предизвици поврзани со спроведувањето на инспекциските постапки, односно имплементирањето на Законот за јавни патишта. Станува збор за постапките поврзани со паркираните возила кои го попречуваат движењето на останатите учесници во сообраќајот, режимот на сообраќај, градби и оштетување на сообраќајниците, одржување на инсталации вградени во јавните патишта и слично, односно работи кои се поврзани со јавните патишта, нивната заштита и одржување, а не се опфатени со одредбите на законот кој е на сила, или истите се нецелосни. Со цел обезбедување на адекватни законски решенија, Мрежата на сообраќајни инспектори и инспектори за патен сообраќај при ЗЕЛС, подготви предлог текст на нов Закон за јавните патишта и го достави на разгледување на Управниот одбор на ЗЕЛС. Предлогот беше во целост прифатен, но истовремено беше утврдено да се дополни со одредби кои се однесуваат на долгогодишното барање на ЗЕЛС за повторно враќање на средствата на локалните власти, од делот од акцизата од деривати за нафта, кои се користеа за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на јавните патишта. Односно, да се утврди одредба со која, освен на сметка на Јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија, дел од средствата собрани од акциза од деривати од нафта, повторно да се приход на единиците на локалната самоуправа.

Квалитетното спроведување на противпожарната заштита нарушено поради сериозни недостатоци на финансиските средства што ги добиваат општините за оваа намена

ЗЕЛС подолг период посветуваат сериозно внимание на разрешување на предизвиците со кои се соочуваат локалните власти при спроведувањето на надлежностите поврзани со противпожарната заштита што ја вршат територијалните противпожарни единиците (ТППЕ). Присутните беа информирани за разноликоста на доставените мислења на општините кои одговорија на дописот на ЗЕЛС, во кој се бараше да го посочат својот став за еден од петте утврдени предлог - ставови околу идната надлежност со ТППЕ, донесени од страна на формираната Работна група, раководена од Министерството за внатрешни работи, во која имаше и претставник од ЗЕЛС. Во првиот предлог се застапува ставот: системот за кризи да остане каков што е, без никакви измени. Вториот став е: Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и противпожарната служба да бидат под надлежност на МВР, како посебно Биро. Третиот став е да се формира посебна Агенција или Дирекција која ќе биде директно под ингеренции на Влада на РМ, каде би функционирале заедно ДЗС, ЦУК и ТППЕ. Четвртиот став е сите овие тела да бидат прифатени и да функционираат во склоп на Министерството за одбрана и последниот предлог –став е да се формира посебно Министерство за управување со кризи.

Ова прашања предизвика сериозна дискусија меѓу присутните членови на Управниот одбор на ЗЕЛС. Дел од ставовите одеа во насока дека овие надлежностите треба да бидат вратени,со оглед на недоволните средства што општините ги добиваат од централната власт за нејзино спроведување, а дел го застапуваа ставот дека ЗЕЛС и локалните власти во континуитет се залагаат за развивање на децентрализацијата на власта и преземањето на нови надлежности, а не за нивно враќање. Беше посочено дека квалитетното спроведување на овие надлежности е доведено во прашање поради сериозните недостатоци на финансиски средства што ги префрла централната власт. Исто така има недостаток на вработени лица во ТППЕ, во однос на законски утврдените услови за нивна застапеност, според број на жители. Застарена е и материјално-техничката опременост со која располагаат ТППЕ, каде спаѓа самата опрема за пожарникарите, на возилата што тие ги користат но, застарени се и самите објекти каде се лоцирани. ТППЕ. Беше посочено дека недостасува и адекватна поддршка за континуирано јакнење на капацитетите на пожарникарите, односно за спроведување насоодветни обуки за нивна професионална надградба, бидејќи неможноста да се примаат нови кадри, доведе до повисока старосната структура во ТППЕ.

Управниот одбор утврди став дека противпожарната заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици треба да остане во рамките на локалната власт, а сите предизвици од оваа област, пред се финансиските , треба да бидат изнесени пред генералното собрание на ЗЕЛС, како и да се решаваат во директни преговори со централната власт.

Иницијатива за измени во Законот за постапување со бесправно изградени објекти

Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС ја разгледаа и иницијативата за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, што ја предложи градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски. Станува збор за опфаќање на нова категорија објекти, кои се изградени после 3 март 2011 година, а кои не се пријавени или за кои се бара да бидат легализирани, како да биле изградени пред 3 март, 2011 година. Со иницијативата се предлагаше да се обезбеди период од една година, во кој сопствениците би ги пријавиле ваквите објекти, и истите би биле легализирани, а не срушени, доколку ги исполнуваат потребните услови за легализација и доколку би платиле двоен надомест од надоместокот утврден во постапката на издавање на одобрение за градење за соодветниот тип на градба. Исто така се иницираше и измена со која изводот од сателитската снимка од теренот, направена пред 3 март, 2011 година, да се смета како валиден доказен материјал во постапката за легализација. Така, на формираната комисијата, покрај обврската за увид и составување на записник за извршен увид на самото место со технички податоци и фотографии од истиот, се утврдува и обврската за обезбедување на дополнителен доказ – извадок од јавно достапна сателитска снимка на интернет или други сателитски снимка да биде земен како доказен материјал.

По оваа точка се поведе обемна дискусија во насока дека со секое продолжување на рокот за легализација на објектите досега, се правеа низа злоупотреби на терен, односно никнуваа нови нелегализирани објкети, за кои во меѓувреме се поднесуваа барања за нивна легализација. Беше посочено дека недостатокот на градежна инспекција е една од причините за понатамошното бесправно градење, како и состојбите со недоволно средства во буџетот на општината за рушење на ваквите нелегални објекти. Како причина за демотивација кај инспекторите, беше посочено и честото носење на одлуки од повисоките инстанци во жалбените постапки, во полза на граѓаните, бидејќи тешко се докажува дали објектот е изграден пред или после 3 март, 2011 година. Во дискусијата присутните градоначалници ја посочија и потребата од сериозна примена на изрекување на кривична одговорност на граѓаните кои градат противзаконито, а има и такви кои градат дури и на државно земјиште, па предложија објектот што не добил правен статус на легален објект, да стане сопственост на општината. Така општините би имале свој имот, кој понатаму би имплицирал дополнителни приходи во буџетот на општината, или би се искористил при креирањето на социјалните или други политики на општината. Но, исто така, беше посочено, дека треба да се предвидат и поригорозни мерки за самите општини, доколку свесно не го почитуваат Законот, па дури и да им се одземат овие надлежности.

На крајот од дискусијата Управниот одбор на ЗЕЛС ја усвои содржината на иницијативата за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти поднесена од општина Велес, при што беше утврдено крајниот рок за поднесување на барање на утврдување на статус на бесправни објекти да се продолжи за 6 месеци, и тоа за објектите кои се изградени по 3 март 2011 година, заклучно со денот на стапување на сила на измената на Законот. Исто така, беше утврдено општината самостојно да има право да поведе постапка по службена должност за објектите за кои нема да се поднесе барање за утврдување на правен статус, со тоа што објектот чиј што правен статус ќе биде утврден во рамките на оваа постапка ќе биде запишан во сопственост на општината. И во однос на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите за кои ќе биде поднесено барање за утврдување на правен статус, а биле изградени по 3 март 2011 година заклучно со денот на стапување на сила на оваа измена на Законот,тој да е еднаков на висината на предвидениот надоместок за уредување на градежно земјиште.

Трета седница на Генералното собрание на ЗЕЛС закажана за 14 декември, 2018 година, во Скопје

Како осма точка од дневниот ред на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС беше усвојувањето на одлуката за одржување на третата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, при што беа разгледани и усвоени: Предлог -акцискиот план на ЗЕЛС за 2019 година, Предлог буџетот на ЗЕЛС за 2019 година и Предлог –планот за јавни набавки на ЗЕЛС, за следната година. Беше договорено седницата да се одржи на 14 декември, 2018 година во Скопје, а на истиот ден да се организира конференција на која ќе присуствуваат претставници од Владата на Република Македонија и сите делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС. На оваа конференција ќе бидат изнесени предизвиците на локалните власти, особено оние во делот на обезбедувањето на поголема финансиска стабилност на општините.

Утврдени членовите на осумте комисии при ЗЕЛС

На оваа седница Управниот одбор ги усвои и Предлогот за формирање на осумте Комисии во ЗЕЛС, како и нивниот состав. Комисиите, како и Мрежите при ЗЕЛС, претставуваат многу важна алатка при разработувањето на ставовите на локалните власти за прашања поврзани со надлежностите на единиците на локалната власт. Комисиите се составени исклучиво од градоначалници, а при утврдувањето во која комисија да членуваат, беше земено во предвид нивното занимања, како и обезбедувањето на континуитет на членството во работењето на комисиите. КОМИСИИ при ЗЕЛС и НИВНИ ЧЛЕНОВИ

Изнесен прегледот на состојбите на долговите на јавните претпријатија, основани од општините

На иницијатива на Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, ЗЕЛС изготви преглед на состојбите на долговите на јавните претпријатија, основани од општините, кои се однесуваат на неплатени долгови кон УЈП, МФ и други државни институции, како и други обврски кон јавни установи, организации и фондови основани од државата. Овој долг изнесува приближно околу три милиони денари. Присутните беа информирани за овој преглед, при што беше посочено дека една од главните причини за настанување на овие долгови е обврската за плаќање на ДДВ и каматите произлезени по овој основ. Управниот одбор донесе заклучок да се бара надлежниот орган да изврши отпис на каматите, а плаќањето на настанатиот долг да биде регулирано преку спогодби за плаќање на рати, сразмерно на можностите.

Упатено барање до МОН за изнаоѓање на решение за превозот на вработените во образованието, во руралните средини

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, се обрати до ЗЕЛС со барање за решавање на проблем во врска со патните трошоци на вработените во образованието. Со калкулирањето на овие трошоци во бруто платата, се јави проблем особено за оние вработени кои патуваат повеќе километри до работното место, во руралните средини и за тоа одвојуваат дополнителни средства од своите приходи. Управниот одбор констатира дека и со оглед на и онака големиот недостаток на финансиски средства што локалните власти ги добиваат од централната власт за спроведување на надлежностите во образованието да се упати барање до Министерството за образование и наука за изнаоѓање на соодветно решение за обезбедување на потребните средства за решавање на овој сериозен проблем за дел од вработените во образованието.

Препорака до градоначалниците да назначат лица од општинската администрација за помош и поддршка на Советот на општината

На седницата беше изнесен и предлогот што произлезе од последната седница на Комитетот на советите при ЗЕЛС за потребата од формирање на посебно одделение или сектор за помош и поддршка на советите на општината, во зависност од големината на општината, што ќе биде одговорно единствено пред Советот на општината. Од страна на УО на ЗЕЛС беше посочено дека сите вработени од општинската администрација имаат обврски како пред градоначалникот на општината, така и пред советот на општината, така што секој службеник треба да биде на располагање на советот на општината, во зависност од областа во која се бара помош и да ја врши својата работа според описот и пописот на работното место, а во согласност со законските одредби. Во таа насока УО на ЗЕЛС упати препорака до сите општини да предвидат во систематизацијата соодветни работни места за државни службеници чии работни задачи ќе соодветствуваат со потребите на Советот на општината и да изнајдат соодветни услови за работа на советниците.

Неприфатлив предлогот за измена на составот на Комисијата за спроведување на постапката за давање на земјоделското земјиште во државна сопственост под закуп

Предмет на дискусија на седницата беше и измената што се предвидува со Предлог – законот за дополнување и изменување на Законот за земјоделско земјиште, со која се предвидува во работата на Комисијата за спроведување на постапката за давање на земјоделското земјиште во државна сопственост под закуп, да учествува само еден член на ЗЕЛС, односно се предвидува изземање на членовите на ЗЕЛС назначени во Комисијата од страна на единиците на локалната самоуправа на чија територија се издава земјиштето предмет на закуп. Беше утврден негативен став по однос на оваа измена, од причини што решението е непромислено и неприфатливо и би довело до попречување на увидот на локалната самоуправа за активностите што се извршуваат на нејзината територија од страна на централната власт.

Неприфатливо носење на законски решенија без претходна консултација и изнесено мислење од локалната власт

Присутните членови на Управниот одбор на ЗЕЛС изразија огромно незадоволство од начинот на предлагање и носење на двата важни закони, без никаква консултација на единиците на локалната власт, иако станува збор за исклучително важни закони кои се однесуваат на суштински работи од областа на финансиското работење на општините. Со измената во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, сопствените приходи на основниот буџет на општината (даночни приходи, неданочни приходи, капитални приходи и трансфери без дотација од данокот од додадена вредност) може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Ваквата измена претставува своевидно ограничување на општинските буџети, а со тоа и ограничување на вршењето на работата и надлежностите на единиците на локалната самоуправа, неможност за креирање на политики за развој, како и можност за нивна евентуална финансиска нестабилност.

Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа, за финансирање на доспеани а неплатени обврски, се однесува на покривање на 51% од вкупниот пријавен износ на доспеани а неплатени обврски, на општините и единките корисници, заклучно со месец септември 2018 година. Износот на средства кој ќе го добие секоја единица на локалната самоуправа е утврден во самиот текст на законот.

Беше посочено дека вака направената распределба без соодветен план и анализа и без консултација со локалната самоуправа, која се темели само на електронската евиденција за пријавување на доспеани обврски е неправедна и дека дел од општините на овој начин ќе бидат незаслужно наградени. Посочи и дека ваквиот потег на Владата на Република Македонија е за поздравување, но дека е сосема спротивно од она што претходно е ветено, односно овозможување на кредити со ниски каматни стапки и отплата на долгот на подолг временски период. Присутните членови посочија дека е потребна итна средба со Претседателот на Владата на Република Македонија и со Министерот за финансии на која ќе се дискутира оваа состојба, а би се отвориле и прашањата околу обезбедување на стабилни извори на финансирање на единиците на локалната самоуправа. На седницата беа избрани и градоначалниците кои ќе учествуваат на оваа средбата, односно претседателот на ЗЕЛС, заедно со потпретседателите и градоначалниците на општините: Велес, Штип, Битола, Карпош и Куманово.

Утврдени претставници од ЗЕЛС кои ќе учествуваат на седница на Комисијата за заштита и благосостојба на животните

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека согласно заклучокот од сто и првата седница на Владата на Република Македонија, доставено е барање од Агенцијата за храна и ветеринарство, за учество на претставници на ЗЕЛС, на седница на Комисијата за заштита и благосостојба на животните, која ќе се одржи на 19.11.2018 година, а во врска со изнаоѓање на законско решение за проблемот со кучињата скитници. За претставници од ЗЕЛС на оваа седница беше избран по еден претставник од општините Тетово и Центар и претставник од Град Скопје.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.