Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Генералното собрание на ЗЕЛС информирано за процесот на реализацијата на новиот предлог-концепт на ЗЕЛС за унапредување на системот на локалната власт
6 декември 2019
 

 

-„Во изминатите пет месеци повлековме една лавина на идеи, иницијативи, ставови за промени во системот на локалната власт. Ако продолжиме со ова темпо верувам дека во следните две години, до завршувањето на нашиот мандат, ќе обезбедиме финансиски стабилни единици на локалната власт; продлабочена децентрализација и одлични организациони општински услови за спроведувањето на надлежностите на локално ниво. Сето ова се случува по средбата што Управниот одбор на ЗЕЛС во, месец јуни ја имаше со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, од каде добивме големо охрабрување и поддршка за фазно пренесување на надлежности од централно на локално ниво, во областите каде ќе биде оценето дека тоа е можно и потребно. Формиравме мешовито работно тело на претставници од локалната и од централната власт и ЗЕЛС многу брзо излезе со предлог–концепт, што оди во три насоки: фискалната децентрализација; проширувањето на надлежностите на ЕЛС и промени во организацијата на локалната власт.“

Ова беше дел од обраќањето на претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов на петтата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, што се одржа на 05 декември, 2019 година, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, во кое тој ги информираше градоначалниците и членовите на Комитетот на советите на ЗЕЛС, до каде е реализацијата на новиот предлог-концепт на ЗЕЛС за унапредување на системот на локалната власт во нашата земја.



На седницата, на делегатите на Собранието им се обрати и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, кој зборуваше за партнерскиот однос на локалната и централната власт во градењето и спроведувањето на политиките за унапредување на процесот на децентрализацијата во земјата, за инвестициите во општините како и за приоритетите на МЛС за надминување на диспаритетите помеѓу урбаните и руралните средини.

Делегатите на ова највисокото тело на ЗЕЛС беа информирани и за најзначајните документи од работењето на Заедницата за следната година: Акцискиот план и Буџетот на ЗЕЛС за 2020 година и истите ги усвоија. Беа усвоени и одредени измени на Статутот на ЗЕЛС, кои се однесуваа на усогласување на актите на ЗЕЛС со Законот за здруженија и фондации како и усогласување со уставните измени на името на нашата земја. Во измените на Статутот утврдена е и постапката за распределба на имотот на ЗЕЛС во случај на престанување на неговото работење, а утврдена е и можност за спроведување на електронски седници на Генералното собрание и на Управниот одбор на ЗЕЛС, во согласност со заложбите на Заедницата за приоретизирање на електронските услуги.

Генералното собрание го изгласа Бесим Мемеди, актуелен претседател на Советот на Општина Гостивар, за нов член од Полошкиот плански регион во Комитетот на советите при ЗЕЛС. Промените беа направени поради повлекување од оваа функција на досегашниот член на ова тело, Насир Муслиу, кој до неодамна беше претседател на Советот на општина Гостивар.



На седницата беа поканети и претставници од Министерството за финансии кои ја презентираа најновата електронска платформа- „Отворени финансии“ со која се отвори државниот трезор на Министерството за финансии и на увид на граѓаните се ставени финансиските трансакции на буџетските корисници од буџетот на РСМ. Генералното собрание донесе препорака локалните власти да ја имплементираа оваа алатка со цел обезбедување на поголемо транспарентно работење во делот на трошењето на средствата од Буџетот на општината.

Пред делегатите, во својот говор, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов потенцираше дека генералната заложба на ЗЕЛС е да се продлабочи процесот на децентрализацијата на власта и да се обезбеди префрлање на нови надлежности. За спроведување на квалитетен процес, ЗЕЛС бара првенствено да се обезбедат доволно средства за извршување на постојните надлежности, а потоа да следи префрлувањето на нови, кои задолжително треба да бидат пропратени со адекватни финансиски средства за нивна реализација.



-„Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство веќе прифати на локално ниво да префрли дел од своите надлежностите, како што е правото на управување со земјоделското земјиште, шумите и пасиштата. Дури ова Министерство понуди и свои дополнителни предлози. Во областа на културата, направени се анализи за префрлање на општините на повеќе национални културни установи. Во однос на барањето за создавање на општинска комунална полиција, Министерството за внатрешни работи изнесе одредени забелешки – „за“ и „против“, а слични се ставовите и по барањето за пренесување на дел од управните работи на МВР и Управата за водење на матични книги“ рече Шилегов. Тој посочи дека општините најмногу се залагаат за преземање на надлежности од центрите за социјална работа, за што Министерството за труд и социјална политика бара да се почека, односно првенствено да ,,заживее“ имплементирањето на новиот Закон за социјална заштита, па потоа да се пристапи кон префрлање на одредени надлежности.

Во делот на фискалната децентрализација предлозите на ЗЕЛС се во насока на зголемување на зафаќањето од ДДВ од сегашните 4,5% на 10%, во полза на општините и зафаќањето од сегашните 3% на 50% од персоналниот данок на доход. Потоа дел од приходите од Законот за игри на среќа и забавни автомати да биде приход на единиците на локалната власт ( ЕЛС) ; стапката на данок на имот етапно да ја зголемуваат општините; да се интегрираат капиталните дотации во една. Понатаму, предложено е да се воспостави систем за финансиско воедначување за помош на ЕЛС со недоволно финансиски и даночни потенцијали; овозможување на подобар пристап за задолжување на општините на домашниот и меѓународниот пазар на капитал; основање на Фонд за локален развој и друго.

Третата област се промените во организацијата на локалната власт, каде треба да се разгледаат можностите за напуштање на монотипниот вид на ЕЛС и востановување на политипен вид на ЕЛС, со различни надлежности (изборни и задолжителни) во зависност од големината, економската моќ и изградените потенцијали на општината; потоа преиспитување на правниот статус на урбаните и на месните заедници и нивните надлежности што веќе се дискутира во текот на преговорите во работната група. Во оваа област влегува и иницијативата за избегнување на паралелните надлежности на Град Скопје и општините во него, промени во составот на Советот на општината и слично. За овој дел потребна е поопсежна анализа и дискусија.



Претседателот на ЗЕЛС изнесе и одредени самокритични оценки во поглед на управувањето на локалните власти со децентрализираните надлежности. Тој посочи дека ЗЕЛС добива постојани критики од Владата за нискиот степен на собирање на сопствените приходи, особено за данокот на имот. –„ Имаме општини кои собираат 20% -30% од овие приходи, па и помалку. Тоа во следниот период треба да го поправиме, треба да работиме на подигање на свеста кај граѓаните зошто се плаќа овој данок, треба да ја ревидираме базата на податоци и да направиме репорценка на даночната основица според поновата методологија“- нагласи Шилегов. Тој посочи и на други „застои“ што се случуваат во општините, како што се триесеттина општини кои се уште не управуваат со државното градежно неизградено земјиште. Шилегов говореше за уште попосветено работење од страна на општините и во однос на доставувањето на мислење и ставови за сите предлог -закони што ги доставува Владата до ЗЕЛС. – „ Неодамна ЗЕЛС ви го достави предлог за нов Закон за бесправно изградени објекти, што ние го инициравме. ЗЕЛС го испрати до сите општини на мислење и добиваме повратни одговори од само пет општини. Станува збор за нешто што длабоко не тангира сите, без исклучок и каде треба да донесеме и да настапиме со заедничка одлука. Тоа зборува како се однесуваме кон самите себе“, потенцираше Шилегов .

Во своето обраќање претседателот на ЗЕЛС изрази и остри забелешки и незадоволство од непочитувањето на обврската на Владата и на министерствата за задолжително доставување до ЗЕЛС на сите предлог –законски решенија и законски промени што ги преземаат, а, кои имаат допирни точки со извршувањето на надлежностите на локалната власт. Посочи и конкретни примери, како што беше предлогот за донесување на Законот за основно образование, потоа неодамна предлогот за донесување на Законот за градежно земјиште, како и методологијата за блок –дотациите во областа на градинките, кога истата прво влезе во владина процедура а, дури потоа беше доставено на разгледување пред Комисијата за следење на системот за финансирање на локалната самоуправа.

-„ Дури имаме и случаи кога централната власт презема и некои можеби полезни чекори за нас, а повторни ние не сме ни консултирани, ниту пак ЗЕЛС е адекватно контактиран. Говорам за зголемувањето од 10% на 30% при планирањето на основниот буџет на општината, од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција“ потенцираше Шилегов. Тој на крајот од седницата им посака успешна работа и бериќетна НОВА 2020 ГОДИНА .



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.