|
Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија –ЗЕЛС, на 24 декември ( четврток), 2009 година, со почеток во 10, 30 часот, во хотелот ,,Холидеј Ин”, организира Конференција за имплементираноста и развојот на информатичка технологија во единиците на локалната самоуправа . Поканети се сите градоначалници, општинските советници за ИТ, претставници од Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и од странските донаторски организации кои во изминатиот период им даваа поддршка на општините во развојот на оваа област. Настанот ќе го отвори министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, а на присутните ќе им се обратат и претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски и претседателот на Комисијата за електронски општини при ЗЕЛС, Зоран Алкесов, градоначалник на Општина Штип.
Информатичката и комуникациската технологија претставува важна алатка во обезбедувањето на суштинска децентрализација, која бара брза размена на информации и поголема вклученост на електронските услуги за граѓаните, се со цел обезбедување на развој на ефикасно и ефективно работење на општините. ЗЕЛС активно се вклучи и во поттикнувањето на развојот на оваа област во општините и минатата година организира серија на обуки на општинските ИТ- советници, потоа изготви анализа за употребата и искористеност на оваа технологија од локалните власти и подготви Прирачник за изработка на локални ИТК стратегии со што ќе им овозможи на општините да го креираат натамошниот развој на оваа област на локално ниво. Прирачникот, што ќе биде промовиран на оваа Конференција, ја мотивира потребата на општините за забрзан развој во оваа област целејќи на намалување на дигиталниот јаз што нашите граѓани го чувствуваат во однос на европските општини. Со тоа општините ќе ја исполнат препораката за изработување на сопствени стратегии за ИКТ предвидена во Националната стратегија за развој на електронски комуникации со информатичка технологија (НСЕКИТ) усвоена минатата година.
По промовирањето на Прирачникот и презентирањето на добиените податоци од анализата за состојбата со ИКТ развој на општините во Република Македонија, со почеток во 13 часот во , Холидеј ин“ ќе бидат организирани и две работилници за локалните ИТ-советници. Ќе се пристапи кон практично изработување на локални ИКТ стратегии, следејќи ги насоките дадени во Прирачникот, при што претставниците од општините ќе можат да ги разменат своите мислења и искуства на ова поле. За уште поголемо олеснување во изработката на овие стратегии, ЗЕЛС избра четири пилот- општини: Валандово, Босилово, Новаци и Ресен, општини со различен степен на развој на ИКТ, на кои ќе им помогне во изработката на нивните ИКТ стратегии, кои потоа ќе послужат како урнек за сите општини што ќе пристапат во реализацијата на оваа национална препорака.
Прилог: Lok_IKT_Strat_FINAL_lek _4_.pdf
|