Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на ЕЛС, на својата седница одржана на 24.12.2020, донесе заклучок за организирање на советување од страна на ЗЕЛС и Министерството за финансии, за службениците од општините кои го изготвуваат буџетот на општината со цел да се разјасни начинот на планирање на истиот.
Согласно информациите на ЗЕЛС, општините знаејќи дека предлогот за зголемување на лимитот на планирање се наоѓа во собраниска процедура, каде се предлага можно зголемување при планирањето, кое изнесува 30%, на 50%, имаат дилеми во однос на постапката при планирање на сопствените буџети.
Од погоре наведените причини, претставниците на министерството им укажаа на претставниците на општинските служби дека планирањето мора да се одвива согласно постојната законска регулатива и дека сите буџети кои ќе бидат испратени до министерството за финансии, а нема да бидат испланирани согласно законската регулатива, нема да бидат одобрени и вчитани.
Потоа дискусијата продолжи во насока на тоа како треба да се планираат буџетите, кои сретства влегуваат во зголемувањето од 30% на буџетите, а кои сретства не. Се објасни какви докази треба да достават општините за буџетите, како што се одлука на Владата за доделување на правото на управување со градежното земјиште, разни други трансфери од централно ниво, надомест за зеленило, сретства доделени од донатори и други.
Претставничките од Министерството за финансии покрај што дадоа детални упатства за планирање на буџетите по ставките и групите посебно 71,72,73 и 74 исто информираа околу пренаменетите средства од ТАВ за финансирање на 99 инфраструктурни проекти во 75 општини, и известија дека овие средства нема да се слеваат во општинските буџети и истите да не се планираат, бидејќи согласно одлуката овие средства директно ќе се исплаќаат на компаниите кои ќе бидат ангажирани за спроведување на овие инфраструктурни проекти.
На онлајн советувањето учествуваа претставници од над 40 општини. На крајот сите учесници се заблагодарија на претстаниците на Министерството за финансии на добрата соработка и на ЗЕЛС, од кој побараа вакви советувања почесто да се организираат.
|