Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Предизвиците со финансиската состојба на општините во време на пандемијата и предлог решенија за справување со дивоградбите –главни теми на четиринаесеттата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС
16 октомври 2020
 

На четиринаесетта седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, што се одржа на 14 октомври, 2020 година, во просториите на Заедницата се дискутираше за актуелни теми од спроведувањето на надлежностите на локалната власт. Акцент беше ставен на предизвиците поврзани со финансиската состојба на општините во време на пандемијата и на состојбите со спроведувањето на процесот на легализацијата на дивоградбите. Во таа насока, на седницата присуствуваше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.


Се подготвува силен фронт за справување со дивоградбите

Министерот, Бочварски ги информираше присутните дека еден од приоритетите на Министерството за транспорт и врски во следниот период е да се обезбеди силен фронт за справување со дивоградбите во земјата, кои се уште се реалност. Тој информираше дека новиот Предлог- Закон за постапување со бесправно изградени објект, што во изминатиот период го иницираше ЗЕЛС и во чии дискусии учествувал како градоначалник, веќе е доставен на разгледување во Собранието на Република Северна Македонија. Министерот посочи дека има прилично јасна слика за предизвиците со кои се соочуваат локалните власти и затоа смета дека со овие законски решенија, како и со засилените активности за зајакнување на инспекциските служби, ќе се создадат услови да се застане на патот на беззаконското градење. Со новиот Закон ќе бидат опфатени сите нелегализирани објекти изградени до 1 јули, 2020 година, освен А2 градбите ( станбени објекти) како и објектите од охридското крајбрежје поврзани со запазувањето на стандардите на УНЕСКО. За легализирањето ќе бидат наплатени целосни комуналии во висината што е утврдена од општината и дополнителни 50% од овој износ, што беше предлог на ЗЕЛС. Беше најавено дека се очекува Законот да стапи во сила до крајот на оваа, или на почетокот на следната година.

Присутните изразија задоволство од прифатеното барањето на ЗЕЛС, при што особено ја нагласија и потребата за создавање на услови за јакнење на инспекциските служби, но и за обезбедување на соодветна финансиска поддршка за справување со дивоградбите. Беше потенцирано дека треба да се најде и начин за спроведување на извршните решенија, бидејќи се почесто градежните компании не се пријавуваат на тендер што ќе го распише општината за рушење на нелегален објект. За справување со злоупотребите во постапките за легализација, членовите на Управниот одбор бараа во новиот Предлог –Закон да се утврдат и дополнителни докази, освен личната изјава. Беа препорачани искуствата од соседните земји, каде како доказ задолжително се бара ортофото снимка за објектот. Нагласена беше и потребата да се заштити правото на граѓани да ги користат и да уживаат во крајбрежните, речни и езерски појаси, односно да не се дозволи легализирање на објекти кои се наоѓаат на овие површини. Исто така ,да не се легализираат објекти кои се наоѓаат на утврдените појаси покрај железнички пруги, автопати, аеродроми и друго. За оние нелегални објекти за кои инвеститорите не поднеле барање за легализација или истото не го реализираат доследно, да се предвидат одредби за нивно конфискување од страна на општината

Борјанчо Мицевски, нов член на Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ

На оваа седница, Управниот одбор на ЗЕЛС го избра градоначалникот на општина Крива Паланка , Борјанчо Мицевски, за нов член на Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ. Тој е назначен на местото на Благој Бочварски, кој наедно беше и ко-претседавач со ова тело, на кого му престана мандатот на градоначалник на Општина Штип по именувањето за Министер за транспорт и врски во Владата на РСМ.

Неопходни буџетски преговори на локалната власт со Владата на РСМ

Управниот одбор на ЗЕЛС дискутираше за многу прашања поврзани со финансиската состојба на општините во време на пандемијата. Беше посочено дека е загрозена и онака лошата финансиска стабилност на општините. Од една страна тие имаат зголемени расходи за справување со кризата, од друга страна имаат драстично намалување на сопствените приходи. Централната власт речиси и воопшто не обезбеди поддршка на општините во четирите сета на мерки (освен во четвртиот сет). Општините од сопствени средства вршат дезинфекција на јавни површини; даваат поддршката на локалното население за справување со кризата; вложуваат во опрема и обезбедување на соодветни услуги за непречено одвивање на образовниот процес во училиштата. Во согласност со владините мерките за поддршка на стопанството во услови на криза не ги добиваат ниту оние приходи по основ на такси и комуналии од стопанските субјекти што се влеваат во општинската каса ; намалени им се приходите од комуналии за градба и слично. Присутните беа информирани за активностите на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините, чие право и обврска е да даде препораки и да предлагаат мерки до централната власт, за подобрување на системот за финансирање на општините. Во таа насока беше посочено дека се подготвуваат соодветни препораки, во согласност со Систематизираните ставови на ЗЕЛС, кои ќе бидат доставени на разгледување до членовите на Управен одбор на ЗЕЛС, а потоа до Владата на РСМ. Особено беше нагласена потребата за реализирање на барањата на ЗЕЛС за водење на квартални преговори со соодветните министерства за реализација на дотациите од централната власт, и водењето на навремени буџетски преговори меѓу Владата и ЗЕЛС, особено во период пред подготовката на Буџетот за следната година. Управниот одбор на ЗЕЛС го задолжи претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов да обезбеди услови за одржување на итна работна среда меѓу членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС и Премиерот на Владата на РСМ со одредени министри на која ќе се дискутира за овие прашања но и за потребата за разгледување на можноста за обезбедување на поддршка на општините поради отежнатото финансиско работење, предизвикано од кризата со вирусот КОВИД -19. Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС покренаа и други прашања поврзани со финансиската состојба на општините. Беше посочена потребата да создавање на услови, општините да имаат поголема флексибилност во креирањето и менаџирањето со општинскиот буџет. Исто така, беше нагласена и потребата за поголема флексибилност од страна на УЈП во услови на пандемија, односно беше побарано да се покрене иницијатива до УЈП да донесе акт за одложување на сите присилни наплати за општините и за јавните установи под локалната власт.



Покрената иницијатива, лимитот на задолжување на општините пред домашни и странски банки да биде зголемен или воопшто да не постои

Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС ја задолжија стручната служба на Заедницата да испрати барање до Претседателот на Владата на РСМ, да покрене иницијатива, лимитот на задолжување на општините пред домашни и странски банки да биде зголемен или воопшто да не постои. Со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, се утврдува дека општините можат да се задолжат не повеќе од 30% од реализираните вкупни приходи на тековно оперативниот буџет во претходната фискална година.

МОН навлегува во ингеренциите на локалната власт –побарана средба со министерката

Присутните говореа и за одредени актуелните состојби во областа на образованието, поврзани со компаниите што го вршат превозот на учениците, како и во делот на набавувањето на ИТ опрема за училиштата и за децата кои се од социјално загрозени семејства. При тоа беше укажано и на упадите на Министерството за образование и наука во ингеренциите на локалната власт, преку давање на директни насоки на директорите и на наставниците на училиштата, без претходно информирање или консултации на локалната власт. Беше посочено дека МОН кон општините се однесува како кон негови подрачни единици, а не дека тие претставуваат посебна власт. Во таа насока беше заклучено на иницираната средба со Владата да се повика и министерката за образование и наука.

УО усвои неколку иницијативи

Управниот одбор усвои и неколку иницијативи пристигнати до ЗЕЛС. Првата иницијатива се однесуваше на барањето за интегрирање на Асоцијацијата на градови со архитектонско наследство, како посебна Комисија за архитектонско наследство во рамките на Комисијата за култура при ЗЕЛС. Беше посочено дека на овој начин ќе се обезбедат можности за поголемо влијание на процесите на децентрализација во областа на културата и на реформите кои го засегаат културно наследство, но и во делот на финансирањето на активностите. Присутните беа информирани дека во соработка со Француската национална асоцијација Sites & Cites, a со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, започнува реализација на Проект за зајакнување на капацитетите на општините во Република Северна Македонија и Република Албанија во областа на културното наследство.

Управниот одбор на ЗЕЛС ја усвои и Декларацијата за пригласување на денот недела и деновите на државни и други празници за неработни. Оваа Декларација,иницирана од Градоначалникот на Општина Велес е донесена од Советот на оваа општина. Декларацијата е базирана на принципот на еднаквост, правичност и демократија како и еднаков пристап на институциите до сите граѓани, со цел да се исправи неправдата и да им се овозможи на вработените во одделни компании во трговијата, угостителството, индустријата, градежништвото и други производствени и услужни гранки барем еден ден од викендот да го поминат и посветат на своето семејство и на личните потреби.

Беше усвоено и барањето за потпишување на Меморандум со соработка меѓу ЗЕЛС и Македонското кредитно биро со што би била покрената иницијатива за вклучување на сите единици на локална самоуправа во базата на податоци за обврските на правните и физички лица настанати по различни основи. За општините особено се важни податоците за обврските кои се однесуваат на комуналните давачки, такси, придонеси, како и обврски по основ на користење на други услуги. Полезноста од вклучувањето на општините ќе се рефлектира првенствено во зголемувањето на наплатата на побарувањата по основ на данок на имот и на комунални такси. Исто так, сето ова ќе има и едно пошироко општествено значење,односно преку одржување на ефикасна база на податоци од повеќе извори на податоци и корисници на податоци ќе се придонесе за зголемување на финансиската дисциплина во реализирањето на обврските, како и унапредување на амбиентот за водење на бизнис и инвестирање во земјава.



Најавена донација за чипови за кучиња бездомници

На оваа седница беше предложена иницијативата, возилото на ЗЕЛС „Форд Мондео“ да биде подарено на општина со помали финансиски капацитети и која редовно ја плаќа членарината кон ЗЕЛС. За продажбата на ова возило ЗЕЛС спроведени две јавни аукции, на кои не се пријави ниту еден кандидат. Управниот одбор донесе одлука возилото да се додели на Општина Ранковце.

Членовите на Управниот одбор ги усвоија и предложените измени во Планот за јавните набавки на ЗЕЛС, каде се воведува ставка за набавка на услуга за изработка на решение за нова веб страна на ЗЕЛС.

На крајот од состанокот, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов ги информираше присутните дека Агенцијата за храна и ветерина ќе додели донација за општините, што се состои во соодветен број на бесплатни чипови за кучиња бездомници. Донацијата ќе се реализира според распоред утврден од Агенцијата, врз основа на нивните извршени мерења за бројот на овие кучиња во општините и градот Скопје. Подетални информации ќе бидат изнесени следната недела кога ќе биде побарано во оваа акција да се вклучат и невладините организации посветени на прашања од оваа област.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2019

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.