Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Претседателите на советите на општините од Скопскиот плански регион одржаа заедничка средба
18 октомври 2019
 

 

На 14 октомври, 2019 година, во хотелот „Континентал“ во Скопје, ЗЕЛС организира работилница на претседателите на општинските совети од Скопскиот плански регион. Оваа средба беше во рамките на иницијативата на ЗЕЛС да обезбеди зајакнување на регионалната соработка на претседателите на општинските совети и да ги информира за сите актуелни ставови и иницијативи донесените од органите и телата на Заедницата. Иницијативата беше утврдена на третата седница на Комитетот на советите, што се одржа на 4 јули, 2019 година, кога беше посочено дека за поуспешно работење на Комитетот потребна е поголема информираност на сите општински совети за преземените иницијативи и активности на ЗЕЛС, нивна меѓусебна соработка и утврдување на заеднички ставови и иницијативи од значење за развој на локалната власт.

На работилницата претседателите на советите, изразија големо задоволство од иницијативата за натамошно заедничко дејствување и меѓусебна регионална соработка. Присутните ги поздрави Тони Бојковски, претседател на советот на општината домаќин на овој настан - Гази Баба, кој ја истакна перманентната потреба за јакнење на улогата на општинските советници во насока на поквалитетно спроведување на обврските на општинските совети. Бојковски ја потенцираше и потребата за јакнење на соработка на советот со градоначалникот и општинската администрацијата, каде заедничките активности треба да бидат само во интерес на граѓаните. За потребата од организирање на почести средби на претседателите на општинските совети од регионот и за разгледување на ставовите и иницијативите на органите на ЗЕЛС говореше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. На средбата беше поканет и градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, кој истакна дека добро подготвени советници и квалитетна работа на Советот на општината е клучот за обезбедување на реализација на значајни проекти, кои се во интерес на сите граѓани на општината. Соработката пак на советниците на регионално ниво е дополнителен бенефит за реализација на поголеми регионални проекти, со кои ќе се овозможи и поголем инфраструктурен и стопански развој на овој регион.

На средбата се обрати и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ која пред присутните ја потенцираше улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС, неговиот начинот на работењето и изборот на членовите. Таа посочи на потребата од поголема активност на претседателите на советите за соработка со ЗЕЛС, како и за изнесување на иницијативи и ставови за јакнење на улогата на општинскиот совет. Перишиќ говореше дека советниците треба во континуитет да ги надградуваат своите капацитети за прашања поврзани со спроведување на своите обврски во Советот. За таа цел, таа посочи дека може да го користат ЗЕЛС тренинг центарот. Присутните беа запознаени и со расположливите ресурси на ЗЕЛС како асоцијација на општините, а кои се во функција на координирање и лобирање за интересите на локалните власти, поддршка на електронските услуги и информирање. Советниците беа охрабрени своите ставови и предизвици кои произлегуваат од работењето на советите да ги дискутираат на вакви заеднички регионални средби, да ги доставуваат до Комитетот на советите, со цел тие да бидат разгледувани и на Управниот одбор на ЗЕЛС. Таа говореше и за заклучоците кои произлегоа од последната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, поврзани со средбите на Управниот одбор на ЗЕЛС со премиерот, Зоран Заев, а потоа и со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кои се однесуваат на заложбите за обезбедување на поголема финансиска самостојност на локалната власт, преземање на нови надлежности од полза на граѓаните и реформи во организацијата на единиците на локална самоуправа. Директорката на ЗЕЛС пред советниците го презентираше предлог- концептот зошто е неопходно продолжувањето на реформите на локалната самоуправа.

Пред присутните беа пренесени и ставовите на органите и телата на ЗЕЛС за потребата од зголемување на одговорноста на локалните власти за собирање на сопствените приходи. Присутните беа запознаени со иницијативата на органите на ЗЕЛС за промена на ставката за пресметување на данок на имот, односно беше посочено дека речиси сите општини ја користат најниската ставка од законски утврдените можности (0,1% до 0,2%) за пресметување на данокот на имот, кој претставува најзначаен извор од сопствените приходи на локалните власти. Во таа насока општинските совети треба адекватно да дискутираат за потребата, можностите и предностите што би се обезбедиле за општината, доколку оваа ставка се зголеми .

Советниците беа информирани и за предлогот на органите на ЗЕЛС околу надоместокот за „легализација“ на објектите кои се бесправно изградени во периодот по стапување на сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно изградени по 3 март, 2011 година. Мерката која е предложена е утврдување на правен статус на бесправен објект кој бил изграден по 3 март, 2011 година, само под услов тој да може да биде вклопен во урбанистичко – планската документација и за него да се плаќа дополнително зголемен процент од редовната висина на надоместокот за уредување на градежно земјиште – популарно наречени „комуналии“. Рангот на определување на висината на надоместокот, во согласност со оваа мерка, дебатирано е да се движи од двојно зголемени комуналии од редовно утврдените за конкретната планска зона, преку ранг на зголемена висина на надоместокот од 150% од редовно утврдената висина на комуналиите.

Претседателите на советите од општините од Скопскиот плански регион говореа за потребата за јакнење на улогата на советот и на советниците во нив. Ја посочија потребата за обезбедување на поголема поддршка од страна на општинската администрација и на градоначалникот. Беше повторно изнесена иницијативата за обезбедување на најмалку едно лице од општинската администрација, кое ќе биде на располагање на претседателот на советот и на советниците. Дека им е потребно обезбедување на поголем број средби со граѓаните, каде ќе ги образложат своите ставови за одредени проекти или иницијативи. Сите присутни посочија дека улогата на Советот, како ,,законодавно“, тело во локалната власт, не смее да се потценува, како што тоа досега често се случува. Напротив , улогата на ова тело треба сериозно да биде разбрана од самите негови членови -советниците, но и од градоначалникот и општинската администрација. Присутните уште еднаш потенцираа дека ваквиот начин на регионална соработка на општинските совети е од исклучително значење, каде би ги разгледувале сите заеднички предизвици, но и би граделе ставови во насока на развој на локалната власт и на регионот. Тие го поддржаа предлог- концептот на ЗЕЛС за неопходноста од продолжувањето на реформите на локалната самоуправа, особено делот за обезбедување на финансиска стабилност на локалната власт. Во однос на двете иницијативи на органите на ЗЕЛС, за данокот на имот и за надоместокот за ,,легализација“, на објектите, посочија дека треба посуштински да се размисли за нив, дека е потребна добра анализа за започнување на вакви чекори, особено во однос на прифаќањето на со закон утврдената повисока ставка на данокот за имот. Беа изнесени одредени искуства од општини кои преземале ваква иницијатива во рамките на својата општина, при што ги изнесоа предизвиците со кои се соочиле на тој пат. Беше изнесен предлогот сите општини првенствено да направат напори да обезбедат целосна евиденција на имотите на своите даночни обврзници кои се наоѓаат на територија на општината, потоа да направат репроценка на даночната основица според актуелната методологија и се разбира да обезбедат целосна наплата на данокот, со што значително би ги зголемиле своите приходи. На крајот на средбата уште еднаш беше нагласена полезноста на оваа иницијатива и потребата за поддршка на советите од страна на ЗЕЛС во насока на јакнење на капацитетите на советниците.




назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.