Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Општинските координатор(к)и дискутираа за улогата на локалната власт во превенција и заштита на родово базирано насилство
19 октомври 2020
 

 

Во пресрет на меѓународната кампања ,,16 дена активизам против родово- базирано насилство врз жените“, општинските координатор(к)и за еднакви можности на 16 октомври, 2020 година во Скопје се состанаа и дискутираа за улогата на локалната самоуправа во превенција и заштита на родово базирано насилство. На работилницата, што ја организираше ЗЕЛС, во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање” спроведуван со поддршка на UN Women, Скопје беше презентирана и добра практика на Општина Струмица: воспоставување на Шелтер центар за жртви на семејно насилство.

Според глобалните процени на Светската здравствена организација (СЗО) за 2013 година, 35 % од жените во светот имаат искусено физичко и/или сексуално интимно партнерско или непартнерско сексуално насилство во текот на нивниот живот. Во нашата земја, според истражување спроведено од ОБСЕ за насилството врз жените во 2019 година, скоро половина (45%) од жените во земјата изјавиле дека доживеале психичко, физичко или сексуално насилство од интимен партнер од 15 годишна возраст. Само 2% од жените кои биле изложени на насилство од страна на сегашен партнер, го пријавиле случајот до надлежните органи бидејќи го сметаат за најсериозен инцидент на насилство.

Локалните власти вклучени во имплементирање на мерките од Истанбулската конвенција

За значењето на имплементација на „Истанбулска конвенција“ во нашата земја и во единиците на локалната власт, говореше Благородна Шопова, советник за обуки при ЗЕЛС. Оваа Конвенција за спречување и борба против насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство е усвоена од Комитетот на министри во Советот на Европа на 7-ми април, 2011 година. Нашата земја беше меѓу првите земји што ја потпишаа конвенцијата, но беше ратификувана во декември 2017, а влезе во сила на први јули, 2018 година. Веднаш по ратификувањето државата усвои Национален Акциски план за нејзино спроведување. Целта на документот е да се обезбеди дизајнирање, спроведување и координирање сеопфатна национална политика за превенција и елиминирање на насилството врз жените. Конвенцијата и Националниот Акционен план утврдуваат мерки кои се наменети за локалните власти. Па така општините треба да развиваат сеопфатни и координирани политики и да обезбедат буџетски средства за имплементација на програмите. Исто така, локалните власти во соработка со националните институции или невладините организации треба да спроведуваат кампањи за подигање на свеста кај населението за различните форми на насилство врз жени и превенција на насилството.

Улогата на локалната самоуправа во превенција и заштита на родово базирано насилство врз жени е значајна. Во таа насока од особена важност е воспоставување на координација на сите инволвирани страни во процесот на превенирање на насилството и заштита на жртви на родово базирано насилство. Општините треба да воспостават и финансиски да поддржуваат специјализирани услуги за жртви, како засолништа за жртви на насилство (шелтер центри), советувалишта, телефонски линии за помош, бесплатна правна помош и друго. Беше посочено дека во овој период од исклучително значење е локалната самоуправа да воспоставува партнерства со државни институции, невладини организации, приватен сектор и медиуми во спроведување на сите активности за спречување на насилство врз жени и семејно насилство.

Недоволно координирано делување на институциите за превенција и заштита на жртви на насилство врз жени и семејно насилство

Присутните координатор(к)и ги изнесоа предизвиците со кои се соочуваат при имплементирањето на обврските од оваа област. Недостатокот на финансиски средства беше посочен како еден од аргументите за неможноста локалните власти посериозно да се посветат на прашањата за превенција и заштита со жртви од семејно насилство. Сепак, како примарна причина тие го одвоија не доволно препознавање на сериозноста на проблемот на насилство врз жените и последиците од страна на локалната власт и потребата за посериозно посветување на прашањата од родова еднаквост и родово насилство. При тоа беше нагласено дека за решавање на овие прашања координацијата меѓу локалната администрација, а уште повеќе и координацијата на локалната власт со институциите од централната власт е на многу ниско ниво. Сепак, како позитивен аспект тие ја нагласија добрата соработката со невладините организации од оваа област.


Во Општина Струмица отворен шелтер центар за жртви од семејно насилство

На работилницата беше изнесен и позитивен пример од Општина Струмица која минатата година преку Јавен повик за поддршка на невладини организации обезбеди простор од 250 м2 за отворање на шелтер центар за жртви од семејно насилство, како и финансиска поддршка во висина од еден милион и двесте илјади денари од Буџетот на Општината. Со дополнителна поддршка од 38 општествено одговорни компании од Струмица, просторот е преадаптиран и опремен со мебел и санитарии за згрижување на 13 лица, жртви на насилство. По отворањето на шелтер центарот во Струмица за само една година во него прибежиште нашле 25 жртви на насилство.

За основањето и функционирањето на овој шелтер центар на Општина Струмица зборуваше Стоилка Митева од Здружението “Скај Плус“, која го раководи шелтер центарот и со ентузијазам говореше за предизвиците со кои се соочувала низ целиот процес на негово воспоставување. Таа посочи дека, како новинар се почесто следела случаи на семејно насилство,при што утврдила дека доколку тие се охрабрат и го пријават насилството, немаат каде да бидат згрижени и оддалечени од насилникот. На почетокот била изненадена од честопати недоволната ангажираност на институциите кои третираат вакви случаи што ја поттикнало да направи документарен филм за искуствата на жртвите од семејно насилство во струмичкиот регион и нивните животни патешествија по пријавувањето на насилство. Фокусот на документарецот бил - ,,жртви на семејно насилство -жртви на системот“. Според Истанбулската конвенција, на околу 50.000 жители потребно е да постои еден шелтер центар за овие лица, а во струмичкиот реон, каде има одредени показатели дека бројките на жртви од семејно насилство не се за занемарување, не постои ваков центар. За среќа нејзиното укажување на структурите во Општина Струмица, наишла на одобрување. Таа истакна голема благодарност и на сите компании кои веднаш се вклучиле да помогнат. – „Сакав овие жртви да добијат вистински дом, па дури од дома земав лични предмети и ги носев таму за добивање на семејна атмосфера. И сега навистина имаат вистински дом, но се уште не можеме да ги тргнеме сериозните бариери на кои тие наидуваат во институциите. Сметам дека со поддршка на локалната власт и оваа битка, наскоро ќе ја извојуваме“, нагласи Стоилка Митева. Таа испрати порака до претставниците од локалната власт дека првенствено е неопходно зајакнување на координацијата и капацитетите на мулти-секторските тимови за заштита на жртви на семејно насилство. Се очекува општината да даде свој придонес во насока на превенција на насилството врз жените и подобрена заштита на жртвите. Исто така, таа апелираше и за поголем слух од институциите за отворање на што поголем број на шелтер центри во земјава.

Поддршка на општините од ЗЕЛС во насока на обезбедување на родова еднаквост

На работилницата, координаторката на Проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање“ (2019-2021), Ирена Николов, ги потсети присутните за дел од активности во оваа област што ги реализираше ЗЕЛС, како поддршка на локалната власт. Таа ги издвои активностите за: јакнење на капацитетите на координаторите и на комисиите за еднакви можности од локалната власт; изработка на Прирачник за комуникација на координатор(к)ите за еднакви можности помеѓу жените и мажите во ЕЛС; потоа изработка на Методологија за интегрирање на родовата перспектива во општината во локалните политики и буџет; изработка на стратегии за родова еднаквост; надградена електронска платформа за родово одговорно буџетирање www.rob.zels.org.mk, со ново алатки за родово разделени податоци и други. Од посебно значење беше истакнато формирањето на функционалната работна група во која членуваат дел од координаторките, како и на Лоби –група за родова еднаквост во рамките на ЗЕЛС, составена од градоначалнички градоначалници, советници и советнички, кои во овој период имаат посебна улога во лобирањето за донесување на соодветни измени во Законот за еднакви можности, што е во фаза на подготовка, каде се предвидуваат и низа обврски за локалните власти, но и зајакнување на улогата на општинскиот координатор за еднакви можности.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2019

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.