Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа објави повик за аплицирање на млади лица (http://a.cs.coe.int/team81/congress_form/Inscriptions/Call_for_applications_2020.aspx) за учество на 38-та и 39-та сесија што ќе се одржат од 17-19 март, 2020 година и од 27-29 октомври, 2020 година во Стразбур. Од секоја земја -членка на Конгресот ќе биде избрана и повикана по една млада личност, која ќе претставува национален младински делегат кој активно ќе учествува на овие сесии на Конгресот и ќе има можност да создава проекти од најосновно ниво (grass-roots projects) во својата земја.
Претседателот на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, Андерс Кнап, силно го поддржува учеството на младите во сесиите на Конгресот, што се овозможува преку иницијативата на ова европско тело -„Подмладување на политиката “. Тој се залага националните делегации да ја подигнат свеста кај младите за оваа можност и за нивно поактивно пријавување. Иницијативата -„Подмладување на политиката“ обезбедува простор за дијалог помеѓу младинските делегати и локалните и регионалните избрани претставници и им овозможува на младите да ги изразат своите ставови за прашањата за кои се расправа.
Рокот за пријавување е до 3 јануари, 2020 година. Апликациите ќе бидат прифатени само преку официјалната интернет форма, а одлуката на одборот за избор ќе биде конечна. За изборот на младинскиот делегат ќе биде информирана секоја национална делегација.
|