ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Огромни финансиски предизвици во спроведувањето на надлежностите во образованието
13 јули 2018
 

Управниот одбор на ЗЕЛС на 12 јули, 2018 година, ја одржа шестата седница во просториите на ЗЕЛС. Една од клучните точки на дневниот ред беше разгледување на финансиските предизвици со кои се соочуваат локалните власти во областа на образованието, каде посебно внимание беше посветено на долговите за превозот на учениците. На седницата присуствуваше и Министерот за образование и наука, Арбер Адеми. Членовите на Управниот одбор дискутираа и за натамошните чекори поврзани со примената на алатката за транспарентност на избраните функционери на локално ниво, а беа разгледани и повеќе иницијативи, меѓу кои на општина Чаир и на Мрежата на сообраќајни инспектори при ЗЕЛС.

Присутните истакнаа дека општините во континуитет продуцираат големи долгови при спроведување на надлежноста во образованието, како резултат на недоволно средства од блок дотации за оваа намена и како резултат на континуираното воведување на нови задолженија во оваа област. Пред министерот Адеми, уште еднаш беше изнесен ставот на ЗЕЛС дека секое менување на методологијата за распределба на блок дотации нема да ги реши предизвиците, туку дека е потребно зголемување на блок дотациите за најмалку 30% и беше изнесена потребата од итно донесување на Правилник за превоз на учениците во основното и во средното образование. Беше посочено дека обврската, превозот на учениците да го обезбеди општината во која учат учениците, создава дополнителни проблеми на овие општини, бидејќи средствата кои ги добива по ученик, ни приближно не ги ,, покриват “ направените трошоци. Овие општини се соочуваат со дополнителни предизвици при спроведувањето на јавните набавки за превоз на учениците, каде локалната власт е немоќна на понудените високи цени од страна на операторите. Помалите општини, освен со недостатокот од блок дотациите, се соочуваат со проблеми за обезбедување на превоз во населените места до кои нема асфалтиран пат, ниту јавен превоз и каде и операторите за превоз не може да добијат лиценца за возилата со кои може единствено да стигнат во овие рурални средини. Таков е случајот во Општина Старо Нагоричане, за кој ЗЕЛС го информираше Министерството за образование, но со слични проблеми се соочуваат и други општини. Долгови се нижат и за намирување на другите обврски за обезбедување на адекватни услови за работа во училиштата (греење, одржување на објектите, наставни и потрошни материјали, здравствени прегледи на наставници, обезбедување, дератизација...) кои во континуитет се зголемуваат и на кои се калемат и каматите за истите. Мал број општините успеваат од сопствени средства, да пренаменат за трошоците во образованието, поради што беше посочено дека ако досегашната состојба не се промени, ќе се пристапи кон разгледување на опцијата за враќање на оваа надлежност на централно ниво.

Министерот посочи дека е запознаен детално со сите предизвици и е расположен со взаемна соработка да се изнајдат решенија локалните власти да излезат од ваквата состојба што е можно побрзо. Препораките од Министерството за образование и наука за рационализација на училишната мрежа, поради фактот на намалување на бројот на ученици, односно на бројот на децата во една паралелка, беше посочено дека ја применуваат многу општини, но истата не дава брзи и ефикасни резултати. Затоа беше побарано од централната власт да излезе со предлог –мерки за покривање на долговите на општините во областа на образование, директно да им помогне на општините кои се соочуваат со нерешливи проблеми од овој вод и итно да пристапи кон изработка на правилници за превоз на учениците во средно и во основно образование со кој попрецизно ќе се регулираат сите досегашни предизвици.

Управниот одбор на ЗЕЛС по оваа точка донесе два заклучока. Административната служба на ЗЕЛС да испрати допис до сите општини да го утврдат вкупниот долг во областа на образованието , како и долгот за превоз на ученици, поединечно за основното и поединечно за средното образование. Вториот заклучок беше да се формира Работна група во состав на градоначалниците: Наташа Петревска,: Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово; Ивица Тошевски, градоначалникот на општина Ранковце; Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово и претставници од правната служба на МОН, кои ќе подготват неколку предлог -модели за разрешување на предизвикот со превозот на ученици. Откога ќе ги разгледа Управниот одбор на ЗЕЛС, ќе се пристапи кон конкретни иницијативи за законски измени и донесување на одредени подзаконски акти во оваа област и решенија за адекватно финансирање на оваа надлежност.

Пред членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС беше изнесен и предлогот на Општина Чаир да се пристапи кон измени на Законот за градење, во делот на категоризација на градби, со што би се овозможило локалната власт да има одредени ингеренции во издавањето на одобренија за одредени градежни зафати на објекти како заштитено недвижно културно наследство, во зони од посебно културно значење, како што е „Старата чаршија“ во Скопје; „Широк сокак“ во Битола и други. Целта е да се унапреди заштитата на културното наследство, за разлика од сегашната состојба која е многу лоша, особено што многу од овие објекти се оставени на немилост на „забот“ на времето. На состанокот беше посочено дека општините се соочуваат и со други предизвици во оваа област за што е потребно истите да бидат сублимирани од страна на ЗЕЛС и потоа да се достави иницијатива за измени во Законот за градба.

Пред Управниот одбор на ЗЕЛС беше елаборирана и катастрофалната финансиска состојба во општина Ранковце, која поради неплатените долгови и блокираната сметка не може да ги реализира ни наједноставните услуги за граѓаните. Беше разгледано и препратеното барање од Владата на Република Македонија до ЗЕЛС, со кое Општина Арачиново бара поддршка од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за обезбедување на стручни лица за утврдување на штетите настанати на дел од домаќинствата на оваа општина, од невремето од 09 јуни, 2018 година. Тоа беше поводот уште еднаш да се реактуелизира барањето на ЗЕЛС за потребата од поддршка од централната власт на општините кои имаат големи долгови, особено што веќе имаше најави за обезбедување на повластени кредити за враќањето на овие долгови, обезбедување на одреден солидарен фонд за поддршка на задолжените општини и слично.

Пред Управниот одбор беше изнесена и иницијативата на Мрежата на сообраќајни инспектори при ЗЕЛС, за законски измени во насока на регулирање на предизвиците со кои се среќаваат сообраќајните инспектори од општините, во напорите за обезбедување на ред во такси превозот и регулирањето на локалниот патен сообраќај. Беше посочено дека и во законските измени кои се на второ читање во Законодавниот дом, има одредени недостатоци на кои ЗЕЛС треба итно да интервенира. Тие се однесуваат на недостаток на казнени одредби за да може да се врши добар инспекциски надзор, обезбедување на процедури за времено одземање на возилото, мерки за спротивставување на нелојалната конкуренција во такси превозот, забрзување на постапките во Бирото за метеорологија каде заради бавното фискализирање на таксиметрите инспекторите се соочени со недоумица како да постапат кога ќе се сочат со превозник кој поради овој документ нема се уште лиценца. Беше изнесено дека е потребно во Законот поконкретно да се внесат и одредби за сообраќајот на локалните патишта, меѓу кои е инспекциски надзор за зонско паркирање и дотур на стока. Беше договорено детално да се утврдат сите забележани недостатоци, кои потоа ќе бидат упатени од страна на ЗЕЛС до централната власт.

На средбата стана збор и за утврдување на натамошни чекори, поврзани со примената на алатката за транспарентност и отчетност на избраните функционери на локално ниво каде беше посочено дека засега во оваа алатка не се обезбедени графи за градоначалници, општински секретари и други лица од локалната власт. Оваа активност локалните власти би ја правеле по сопствен избор, со цел зајакнување на транспарентното работење, бидејќи станува збор за посебна и самостојна власт. Доколку се обезбедат измени во електронскиот систем за пристап на алатката ќе се дискутира дополнително за сите можни аномалии кои може да произлезат при нејзиното користење.

Следната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС беше договорено да се одржи најмногу за седум дена, во зависност од утврдувањето на предлог –моделите на работната група за образование и собраните податоци на долгови за образование што треба да ги испратат сите општини до ЗЕЛС..



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.