ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Во Скопје -претставници од македонските и од европските локални власти дискутираат за пристапот на нашата земја во Европската унија и за предизвиците на фискалната децентрализација
11 септември 2018

 

„-Сите активности на Република Македонија се насочени кон отворање на датумот на преговорите за членство во Европската Унија. Убеден сум дека на 30 септември, граѓаните ќе се определат за Унијата, со што ќе влеземе во поинтензивни реформи, меѓу кои и оние на локално ниво. Една од клучните приоритети на сите единици на локалната власт, односно на ЗЕЛС е обезбедување на поголема финансиска независност на општините. Всушност и една од темите на овој состанок е посветена токму на ова значајно прашање. Залагањата на ЗЕЛС се насочени кон сериозна ревизија на тринаесетгодишното имплементирање на локалното владеење и фискалната децентрализација, забрзување на процесот на обезбедување на повеќе средства за општините за спроведување на префрлените надлежности, креирање на механизми за максимално собирање на сопствените извори на приходи и креирање на нови политики на локалните давачки. Особено е недозволиво што имаме општини кои на крајот од годината имаат минимално салдо на собрани средства од сопствените даноци, или општини кои од 2005 година не направиле репроценка на вредноста на имотите на нивните подрачја, што претставува основа за утврдување на еден од најзначајните даноци на локалната власт. Во целиот овој процес вашите искуства на ова поле ќе ни бидат од посебно значење.“

Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов на петнаесеттиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) што се одржа во Скопје, на 11 септември, 2018 година, во хотелот „ Александар Палас“ . На состанокот учествуваа градоначалници и советници од нашата земја и од земјите членки на Унијата, кои се делегати на ова тело, а свои обраќања имаа и министерот за локална самоуправа на Република Македонија, Сухејл Фазлиу; министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашни компании, Зоран Шапуриќ; раководителот на политичкиот сектор во Делегацијата на Европска унија во нашата земја, Лукаш Холуб, постојаниот претставник на Програмата на Обединети нации (УНДП) Луиза Витон и известувачот на Комитетот на региони за проширувањето на ЕУ и претседателот на Регионалниот совет на автономен регион во Италија, Франко Јакоп.

Комитетот на регионите е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширувањето на Европската Унија преку унапредување на политичкиот дијалог и соработката меѓу локалните и регионалните власти. Со ова тело заседаваат двајца ко-претседавачи. По локалните избори минатата година, градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, беше избран за ко-претседавач од Република Македонија, а од Комитетот на регионите, ко-претседавач е Јасна Габриќ, градоначалник на општина Трбовље (Словенија). Градоначалникот Бочварски на своите европски колеги им посака добредојде при што истакна дека нивните искуства во справувањето со предизвиците во локалната власт ќе бидат драгоцени за нашите општини, особено оние што се однесуваат на натамошно развивање на процесот на фискалната децентрализација.

Градоначалничката на Општина Трбовље упати честитки за преземените чекори на нашата земја на патот кон ЕУ и за интензивното развивање на добрососедските односи при што посака успешен референдум, што е еден од уловите за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Таа информираше дека се подготвува ИПА 3, што треба да биде усвоен кон крајот на оваа година, каде се предвидени средства и за локалните власти.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу посочи дека ова е период кога Владата на Република Македонија е целосно посветена на активности за членството во Унијата. Тој изрази уверување дека референдумот ќе претставува демократски чин на граѓаните, потврдување на нивната волја за евроатланската перспектива на земјата. Приоритет на Владата е јакнење на регионалната соработка, но подеднакво таа е посветена и на натамошното развивањето на процесот на децентрализацијата на власт, каде акцентот е ставен на фискалната децентрализација и на обезбедувањето на рамномерен регионален развој. Фазлиу посочи дека очекува општините да се насочат кон целосно искористување на средствата од европските фондови, особено на средствата од ИПА програмите, во делот на прекугранична соработка, наменети за локалните власти.

-„Партнерскиот однос и соработка на централната и локалната власт се од клучно значење за обезбедување на добри резултати, од интерес за граѓаните“ рече, министерот Шапуриќ. Тој посочи дека со поддршка на Владата на РМ, на европските фондови и на искуствата од членките на Унијата, нашата земја ќе се справи побрзо и полесно со сите предизвици кои и претстојат на патот за членство во европското семејство. Според министерот Шапуриќ, од особена важност не е само имплементацијата на европските прописи, туку пред се имплементирањето на европските стандарди кои треба да претставуваат секојдневие во работењето на секој поединец и на сите институции во земјата.

Постојаниот претставник на Програмата на обединетите нации (УНДП) во нашата земја, Луиза Витон, истакна дека оваа организација, како и досега и понатаму ќе дава значајна поддршка на централната и на локалната власт. –„Мислам дека ова е многу возбудлив период за земјата и сметам дека референдумот ќе го отвори патот на земјата во Унијата и ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на условите за живот на сите граѓани“, изјави Витон, посочувајќи ги пет најважни правци кон кои во следниот период треба да се насочат активностите на локалните власти.

На критичниот момент на одлучување што треба да го направат граѓаните на земјата- 30 септември, посочи и раководителот на политичкиот сектор во Делегацијата на Европска унија во нашата земја, Лукаш Холуб. Тој истакна дека околу 70% од европската регулатива се имплементира на локално ниво, па во таа насока поддршката насочена кон локалните власти е многу значајна. Европската унија преку претпристапните фондови поддржуваше инфраструктурни проекти, но исто така и програми за владеење на правото, активности на локалните власти и други активности од важност за земјата и граѓаните.

Промената на досегашниот статичен став на Европската Унија, по прашањето на нејзиното проширување, претставува светла точка за земјите од Западен Балкан, посочи известувачот на Комитетот на региони за проширувањето на ЕУ и претседателот на Регионалниот совет на автономниот регион во Италија, Франко Јакоп. Тој информира дека резултатите во анализите за Извештајот на Комитетот на регионите покажуваат позитивни промени и наклоност за проширување на Унијата, па се очекува во јуни, следната година, нашата земја и Република Албанија да добијат датум за почеток на преговорите за членство во Унијата

Во вториот дел од состанокот, посветен на темата–„Фискална децентрализација и политика на локални давачки“, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ги изнесе ставовите на ЗЕЛС за потребата од итна продлабочена фискална децентрализација. Тој истакна дека, најголемиот дел од приходите на општините, односно повеќе од 60% произлегуваат од трансфери од централната власт, што е основа за загрозување на независноста и самостојноста на општините и дека тоа треба итно да се промени. Според Коцевски, децентрализацијата во земјата подолг период е запоставена и заборавена тема, која наталожи многу негативности, меѓу кои и дваесетина блокирани општини, кои не може соодветно да функционираат, долгови на локалните власти од околу 250 милиони евра, големи потешкотии во спроведувањето и на најосновните надлежности, особено во делот на образованието, ниско ниво на собирање на сопствените даноци, несоодветна даночна политика на локално ниво, слаби административни капацитети, неадекватен систем на финансиско воедначување, несоодветен рамномерен регионален развој, неефикасни јавни комунални претпријатија кои служат за вработување на партиски кадри и ред други предизвици. Коцевски во своето излагање, накратко ги изнесе и заложбите на ЗЕЛС за обезбедување на ефикасна фискалната децентрализација, преку значително зголемување на средствата во блок дотациите за спроведување на надлежностите, зголемување во зафаќањето од ДДВ од 4,5 % на 10 % во полза на општините и од персоналниот данок, од сегашните 3% на 50%. Понатаму тој посочи на заложбите за креирање на адекватни политики на локални даноци и воведување на механизми за обезбедување на висока наплата на сопствените приходи, воведување на правичен систем на воедначување, поголема соработка на централната влас при креирањето на Буџетот, со цел увид и влијание при одредувањето на средства за локалните власти и обезбедување на квартални известувања и средби. Непоколебливо казнување за секое недомаќинско и расипничко трошење на парите на граѓаните што ќе го направи било која локална власт како и наместо трошење на средства за плати на гломазна и неажурна администрација, воведување на мала, стручна администрација во општините и во јавните претпријатија.

Во текот на оваа сесија, претставниците од европските локални власти, меѓу кои од Шведска, од Ирска, од  Шкодска, од Италија и од Грција ги изнесоа искуства на спроведување и на креирање на фискалната децентрализација во нивните земји, при што истовремено ја изнесоа поддршката на нашата земја за влез во Унијата.

По опсежните дискусии, ко-претседавачите: Бочварски и Габриќ, го заклучија овој петнаесетти состанок на ЗКК со искрени желби за што поскоро вклучување на нашата земјата во европското семејство.
                       



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.