ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Претседателите на советите дискутираа за предизвиците во функционирањето на општинските совети
14 септември 2018
 

 

Претседателите на општинските совети, на 13 септември, 2018 година во хотелот „Континентал“ учествуваа на работилница што се реализираше во рамките на Проектот „Зајакнување на општинските совети“, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со ЗЕЛС, со Здружението на финансиски работници, UN Women, МЛС и МФ, а со финансиска поддршка на Швајцарската Агенција за развој и соработка.

Во името на Комитетот на советите при ЗЕЛС, присутните ги поздрави претседателот на ова тело, Томе Солев, кој воедно е и претседател на Советот на Општина Кочани. Тој изрази задоволство што се реализира Проект кој е посветен на зголемување на знаењата на општинските советници, на јакнење на улогата на општинските совети, и кој нуди можности за размена на искуствата меѓу советниците од различни општини. Со Проектот се обезбедува и поддршка на Комитетот на советите при ЗЕЛС . –„Со оглед на улогата што ја имаат советниците, да ги претставуваат и застапуваат интересите на граѓаните на локално ниво, да се грижат за квалитетно планирање на активностите на општината и на трошењето на средствата од граѓаните, да поттикнуваат отчетно и транспарентното работење на својата општина како и да иницираат поголемо учество на граѓаните во креирањето на локалните политики од јавен интерес, сметаме дека овој Проект е навистина значаен за локалните власти, а пред се за граѓаните. Тој ќе придонесе општинските совети да донесуваат поквалитетни одлуки, да спроведуваат ефикасен надзор на работата на општината и да ги застапуваат приоритетните потреби на граѓаните“ потенцираше Солев во своето обраќање. При тоа тој нагласи дека советниците и Комитетот на советите имаат континуирана поддршка и од ЗЕЛС. Веднаш по верифицирањето на нивните мандати, по локалните избори, Солев посочи дека советниците беа повикани на средба во „ЗЕЛС тренинг центарот“ каде беа запознаени со улогата и структурата на Заедницата, со улогата на Комитетот на Советите, но и со надлежностите и активностите на советот, на локалната власт, изворите на приходи на општината и слично, со што добија првични знаења за спроведување на нивните натамошни обврски. При тоа секој советник доби и бесплатен примерок од четвртото издание од „Прирачникот за новоизбрани градоначалници и членови на советите на општините“, подготвен од ЗЕЛС, со финансиска поддршка на овој Проект.

На средбата дојде и Н.Е. Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада (Sybille Suter Tejada) која разговараше со претседателите на советите за предизвиците со кои се соочуваат општинските совети, условите во кои ги спроведуваат активностите, а ги слушна и нивните предлози за поефикасно спроведување на проектот. Во вториот дел од средбата беа формирани тематски работни групи од присутните кои дискутираа на повеќе теми, кои се однесуваат на поквалитетно спроведување на обврските на општинските совети.

Повик за учество во Проектот на дополнителни девет општини

На средбата беше најавен и новиот повик за пријавување на општините за учество во Проектот, од кои деветте општини што ќе бидат избрани ќе бидат вклучени од јануари 2019 година, па се до јуни 2020 година, односно активностите ќе се реализираат во период од 18 месеци . Селектираните општини ќе добијат и финансиска придобивка во вкупна вредност од 50.000 УСД за реализација на 1 до 3 приоритетни проекти предложени од граѓаните, преку користење на методологија за спроведување на Форуми во заедницата, а доколку воведат најмалку една иницијатива за граѓанско учество ќе добијат и дополнителни 12.000 УСД. Општината има обврска да обезбеди модератор за реализација на форумите во заедницата. Повикот е поставен и на веб страната на ЗЕЛС (zels.org.mk) (http://www.zels.org.mk/Default.aspx?news=f8b23bc2-8c83-4451-9217-7b9c0711dd7e&type=761ebe4c-eda4-4b1d-ac2e-4717a43668e9&ln=3)

Имено во рамките на Проектот, што се реализира во период од 2016-2020 година, финансиска поддршка ќе добијат вкупно 24 општини. Веќе шест општини: Валандово, Велес, Свети Николе, Струмица, Чаир и Охрид, ги реализираат активностите, а третиот повик, за нови девет општини ќе биде објавен следната година.

Електронска платформа за учење достапна за секој советник

Присутните беа информирани дека секој советник, односно вкупно 1347 советници во земјава ќе имаат пристап до Електронската платформа за учење: lms.opstinskisovet.mk . На платформата ќе бидат поставени 11 програми за обуки на советниците што ќе се реализираат во рамките на Проектот како и прирачниците за сите 11 програми, што ќе опфаќаат теми кои се од важност за надградување на знаењата на советниците за спроведување на своите обврски во Советот. Исто така на е-платформата ќе бидат поставени и други документи, етички кодекси; прирачници, анкети, студии, извештаи кои се реализираат во рамките на Проектот, но и други, од важност за советниците. На платформата веќе е поставен „Прирачникот за новоизбрани градоначалници и членови на советите на општините“, потоа реализираните анкети на задоволство на граѓаните од услугите спроведени во шесте општини. Поставена е и Студијата за анализа на законската и институционалната рамка на функционирањето на советите и нивната структура преку компарација на овие состојби во пет земји: Албанија, Данска, Литванија, Словенија и Србија. Во оваа студија се анализирани и јавниот финансиски менаџмент, улогата на општинските совети за добро владеење на локално ниво, како и начинот на регулирањето на надоместите на советниците. На платформата ќе биде прикачен и „Годишниот извештај за развојот на системот за финансирање на општините за 2017 година“, во кој се прикажани финансиски податоци кои се однесуваат на состојбите со приходите и расходите во општините и нивната реализација, според информации добиени од Министерството за финансии на Република Македонија. Во рамките на проектот се развиени и електронски контролни табли, каде се објавуваат финансиските податоци, односно К1, К2 и К3 извештаите, што е обврска на сите 24 општини кои доброволно се пријавиле и биле избрани во овој Проект.

Годишен извештај за развојот на системот за финансирање на општините за 2017 година

На состанокот со претседателите на општинските совети беше презентиран и предлогот на Годишниот извештај за развојот на системот за финансирање на општините за 2017 година, реализиран во рамките на проектот, со податоци од Министерството за финансии. Беа посочени предизвиците со кои се соочуваат локалните власти во делот на финансирањето. Учеството на трансферите и донациите во вкупните приходи на општините беше посочено дека и во 2017 година претставува највисока ставка со 64,20%. Потоа следат даночните приходи со 25,74% учество во вкупните приходи, неданочни приходи се 4,27% , капитални приходи - 4,12% и задолжувања во земјата со 1,67%. Вкупно 10 општини со највисоки приходи во Македонија имаат реализирано приходи од 14,173,711,488 што претставува скоро 46% од вкупните приходи на единиците на локална власт во 2017 година. Пад на приходите во однос на 2016 година има во руралните општини во висина од 21% а, раст на приходите има во урбаните општини. Најнизок приход има остварено општина Пласница а, највисок Град Скопје. Најголем дел од реализираните расходи (48,41%)отпаѓа на средствата за плати, наемнини, надоместоци за вработените во општинската администрација и за вработените во локалните јавни установи за пренесените надлежности во образованието, во социјалната заштита и во културата. Расходите за стоки и услуги имаат учество од 23,15% во вкупните расходи за 2017 година. Капиталните расходи се реализираат со учество 22, 81% во вкупната структура на расходи. Со анализа на структурата на вкупните расходи по надлежности во 2017 година се забележува доминантно учество од 44,85% на расходите поврзани со образованието, 22,11% учество на расходите поврзани со комуналните дејности и 12,59% учество на расходи поврзани со општинската администрација.

Интересен е и податокот од Извештајот каде разликата помеѓу планирани и вкупно реализирани приходи изнесува дури 32,81%, односно биле реализирани само 67,19% од планираните приходи. Најмалку реализирани се капиталните приходи со 21.86% реализација, потоа приходите за задолжување на земјата со 35,14% реализација и, неданочните приходи со 54,58%. Даночните приходи се реализирани со 66,53% од планираните, а трансферите и донациите со 81,57% и приходите за задолжување во странство со 99,95%. Како што е наведено во Извештајот, оваа состојба создава основни претпоставки за генерирање на обврски кои немаат реални извори за финансирање, подоцна тоа доведува до блокирани сметки на ЕЛС и создавање на услови за прогласување на финансиска нестабилност. Да се зголеми наплатата на сопствените приходи, да се подобри планирањето на локалните приходи и расходи, да се зголеми ефикасноста и структурата и да се подобри структурата во јавните расходи на ЕЛС и да се обезбеди рамномерен регионален развој, како и поголема финансиска стабилност на општините, беа препораките дадени на крајот од презентирањето на Извештајот. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ посочи дека при разгледувањето на овој Извештај треба да се има во предвид дека се однесува на период кога имаше одредени политички пречки во функционирањето на локалната власт, поради необјавувањето на локални избори од страна на Собранието и настанатиот „вакум период“, како и поради предизборниот период и реализирањето на локалните избори во октомври, 2017 година .



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.