Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Во рамките на проектот „ЛоГов“, ЗЕЛС беше домаќин на четворица докторанти од Полска, Аргентина и Италија
4 септември 2019
 

 

Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија, во рамките на проектот „ЛоГов“, во периодот април – август, оваа година, беше домаќин на двајца докторанти од Полска и по еден докторант од Аргентина и од Италија. Секој од нив, во период од триесетина дена имаше можност секојдневно да ги следи активностите на ЗЕЛС и да ги прошири своите научни сознанија за организацијата на локалната власт во нашата земја, за процесот на децентрализација и за искуствата од неговата имплементација. Тие имаа можност да учествуваат на работилници, обуки и конференции што ги реализираше ЗЕЛС во овој период, при што некои од нив посетија и одредени општини. Овој студиски престој беше двострано исползуван, на начин што докторантите ги презентираа моделите на организирање и учество на граѓаните во процеси на градење на локалните политики и донесувањето на одлуки од локално значење, што се применуваат во нивните земји, пред стручната служба на ЗЕЛС и пред дел од општинската администрација.

Марчин Соколовски и Каролина Збитњевска од Варшавскиот универзитет, истражувајќи на различни теми за партиципативно учество и структура на локални самоурави, ги пренесоа искуства од буџетското партиципативно организирање во локалната власт во нивната земја. Говореа и за искуствата од процесот на трансформацијата на локалната власт, во периодот на подготовките на нивната земја, за членство во Европската Унија. Беа наведени и промените што биле реализирани по стапувањето на земјата во европското семејство. Полската алатка за буџетско учество на граѓаните функционира на начин што посебни фондови на финансиски средства се алоцирани во буџетот на општината со намена за реализација на локални инвестициски вложувања. За овие вложувања одлучуваат жителите на општината, минувајќи низ процес на консултации за реализација, а за што согласност треба да изрази и локалната власт. Една од целите на трансформацијата во Полска на патот кон зачленување во ЕУ била децентрализацијата на власта и на администрацијата, за подобро да се апсорбираат структурните фондови, насочени кон намалување на разликите во економскиот развој на земјата. Со административната реформа од 1999 година, Полска утврдила тристепена територијална организација на државата (16 „војводства“ на регионално ниво/еквиваленти на NUTS2/, 380 општини на суб-регионалното ниво, вклучувајќи и 66 градови на ранг на општини, со 314 не-општински единици и 2.478 комуни. Вкупно 304 се урбани комуни, 611 урбано-рурални и 1563 рурални комуни. Со својата тристепена административна организација, Полска е една од 11-те земји на ЕУ со вака сложена територијална структура.

И Елизабет Албер од италијанскиот Европски истражувачки институт во Болцано, се задржа на темата структури на локални самоуправи, компаративно истражување со примери од други земји од Западен Балкан.

Аргентина иако е политички и административно децентрализирана, сепак има силна фискална централизација

За федералната структура на Аргентина, што ја сочинуваат 23 окрузи (познати како провинции) и посебната единица- Град Буенос Аирес, говореше докторантот, Хуан Негри, од Националниот Универзитет „Сан Мартин“ (УНСАМ), кој работи на теми од областа на фискалната децентрализација. Аргентина има три нивоа на управување: федерално, провинцисо (држави) и локално, односно 23 провинции и еден федерален округ (Биенос Аирес) со важни политички, фискални и административни капацитети, како и 612 општини со различни асиметрични нивоа на автономија, затоа што секоја провинција утврдува колку автономија може да имаат локалните власти на нејзина територија. Секоја од аргентинските провинции има свој устав, закони, овластувања и форми на управување, кои мора да бидат во согласност со националниот устав и сојузниот закон. Владата на секоја провинција има три гранки: извршна, законодавна и судска. Извршната власт е предводена од гувернер, додека законодавната гранка на провинцијата може да биде организирана во двостепен или едностепен формат. Секоја провинција, со исклучок на провинцијата Буенос Аирес, е поделена на административни единици, кои пак се поделени на општини. Хуан Негри, објасни дека иако Аргентина е политички и административно децентрализирана, фискално таа е се уште е централизирана, односно централната власт дистрибуира федерални средства во покраините.

Што е „ЛоГов“ ?

Проектот „ЛоГов“ опфаќа истражувања насочени кон обезбедување најдобри практики за локалните власти поврзани со влијанието на зголемената урбана-рурална поделба и менувањето на односите меѓу локалните власти и другите нивоа на власта. Преку овој тригодишен проект ќе се идентификуваат најдобрите практики и ќе се изврши нивно споделување во насока на поттикнување на нивна ефективна примена за надминување на овој предизвик. ЗЕЛС е еден од 10-те партнери на проектниот Конзорциум и дополнителните осум корисници на програмските активности на Проктот „Локална самоуправа и промена на урбано-руралните односи – ЛоГов“ што е поддржан преку финансискиот инструмент на ЕУ „Хоризон2020“. Тоа е најголемата програма за истражување и иновации на ЕУ, во делот на потпрограмата „Мари Склодовска-Кири - истражување и иновации за размена на кадри“. ЛоГов опфаќа сеопфатни активности за обука и настани за дисеминација, комуникација и мрежно поврзување кои обезбедуваат комплементарни можности за подобрување на вештините и знаењата за истражување, развивање нови преносливи вештини, и подигање на академските и неакадемски профили, од кои сите значително ќе придонесат за реализирање на индивидуалниот потенцијал и подобрување на нивните перспективи во кариерата.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.