Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Взаемно насочување на ресурсите на домашните и на меѓународните институции за поддршка на општините за родовата еднаквост
15 април 2020
 

Во организација на ЗЕЛС, на 10 март 2020 година беше одржан координативен состанок со претставници од меѓународните организации во нашата земја кои работат на унапредување на родовата еднаквост на локално ниво. На состанокот, што се одржа во административната зграда на ЗЕЛС, присуствуваа претставници од UN Women- Телото на Обединетите нации (ОН) за родова еднаквост и зајакнување на жените, од УНДП во Скопје, од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од канцеларијата на ГИЗ во Скопје, како и претставници од Министерство за труд и социјална политика (МТСП). Пред присутните, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, посочи дека станува збор за долгогодишна практика што ја применува ЗЕЛС при соработката со меѓународните и домашните институции во насока на заедничко креирање и насочување на активностите според потребите на локалната самоуправа, а што овозможува одбегнување на ризик од преклопување на исти активности. Таа говореше за поддршката што ЗЕЛС им ја дава на општините, а особено ја нагласи улогата на неодамна формираната ,,Лоби група за родова еднаквост на ЗЕЛС“, составена од избрани функционери (градоначалнички, градоначалници и претседателки и претседатели на општински совети). ЗЕЛС изнесе предлог за обезбедување на одредено софтверско решение за родово одговорно буџетирање на централно и на локално ниво, со што радикално би се подобриле состојбите во сферата на еднаквите можности и правилното буџетирање на средства, во согласност со специфичните потреби на жените и мажите. Како позначајни активности што во изминатиов период ги презел ЗЕЛС за поддршка на општините, беа наведени: воспоставена ,,е-платформа за родово одговорно буџетирање“ - www.rob.zels.org.mk (сега е во фаза на надградба и усовршување, со цел да прерасне во регионален ресурсен центар за РОБ за потребите на локалните самоуправи); воспоставена функционална ,,Работната група за родова еднаквост на ЗЕЛС“, составена од координатори за еднакви можности од општините (сега проширена со нови членови ), донесена ,,Стратегијата за родова еднаквост на ЗЕЛС за 2018-2030 година“, што дава насоки во планирањето на активности во оваа област, обезбедена поддршка на општините за потпишување на Европската повелба за еднаквост на жените и мажите на локално ниво (досега 21 општина ја потпишала оваа Повелба). Беа презентирани и активностите утврдени во новиот проект на ЗЕЛС (веќе во фаза на имплементирање), што е поддржан од UN Women, од каде произлезе и интегрирањето на модули за обуки за РЕ и РОБ во Планот на обуки на ЗЕЛС за 2020 година.

Од МТСП, од Секторот за еднакви можности посочија дека очекуваат значајни промени по донесувањето на Законот за буџети, при што имплементирањето на родовата димензија во сите сфери и надлежности на централно и локално ниво ќе се утврди како законска обврска. Беа посочени и другите активности на креирање на политики и документи, односно реформи во сферата на родовата еднаквост.

Сите присутни се согласија дека ваквите средби се неопходни за координиран пристап во планираните активности за родова еднаквост на локално ниво. Се очекува организирање на нови средби во поширок состав, каде би се вклучиле претставници и од други меѓународни организации и амбасади во чие работење родовото прашање е поставено високо на агендата на нивните активности.

РАМКА

Активности за еднаквост на жените и мажите на локално ниво преземени од меѓународните организации во земјава

Претставничката од UN Women- Телото на Обединетите нации (ОН) за родова еднаквост и зајакнување на жените ја нагласи потребата за воведување на нови иновативни алатки за унапредување на РЕ и РОБ на централно и локално ниво, алудирајќи на промените што се очекуваат со планираниот Закон за буџети, како и подготвеноста на Министерството за финансии за поддршка на реформите и воведување на ИТ систем за управување со јавните финансии, по примерот на Албанија. Таа ја нагласи и потребата за натамошно работење во делот на подигање на свеста кај општинската администрација, институциите и граѓаните за родовата еднаквост при што ги презентираше проектните активности на нивната организација во изминатите десетина години во нашата земја: 250 буџетирани општински активности, менторска поддршка на 21 ЕЛС, но и преку партнерската соработка со ЗЕЛС опфаќање на сите општини со обуки и споделување на информации и добри практики, како и директната мерка за поддршка на жени земјоделки од руралните средини. Овозможување на пошироко сензибилизирање и промоција на родовата димензија во регионот, преку воведувањето на модулот за родова еднаквост на локално ниво во „е-учење“ на НАЛАС, наменет за асоцијациите на општините од земјите од Југоисточна Европа.

Од УНДП во Скопје го истакнаа фокусот на активностите за родова еднаквост што го имаат во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“, каде во рамките на компонентата „вмрежување“ формирана е и ,,тематската работна група за родова еднаквост“ во која советниците дискутираат за прашања од оваа област. Тие ги посочија и активностите со „Форуми во заедницата“, каде посебен аспект се става и на процентуалната застапеност на присутните жени на сесиите.

Од Мисијата на ОБСЕ во Скопје зборуваа за плановите на нивната канцеларија во делот на развивање на алатки со кои ќе се адресира родовата димензија во општинските програми, како и за нивната поддршка кон МТСП за започнатиот процес за измени на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

Од канцеларијата на ГИЗ во Скопје говореа за развивањето на процедура за планирање и известување за родовите активности во рамките на организацијата. Тие ја потенцираа потребата за јакнење на координативната улога на МТСП на полето на еднаквите можности помеѓу сите институции. Родовата димензија тие ја анализираат и во проектот што им е фокусиран на работата на нотарите, во делот на имотните права, каде е забележано значително пренесување на сопственоста на имот во корист на мажите.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2019

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.