Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
На тринаесеттата седница на Управниот одбор донесени низа иницијативи и ставови за разрешување на предизвиците во локалната власт
19 јуни 2020
 

Управниот одбор на ЗЕЛС на 18 јуни, 2020 година ја одржа тринаесеттата седница на која беа усвоени документи за финансиското работење на ЗЕЛС, но истовремено беа покренати и одредени иницијативи во насока за поквалитетно надминување на актуелните состојби и подобрување на функционалноста на локалната власт. Седницата се водеше по електронски пат, преку користење на софтверска платформа достапна на интернет, во согласност со статутарните измени што Генералното собрание на ЗЕЛС ги усвои минатата година.

На самиот почеток на седницата членовите на Управниот одбор одлучија материјалите за шестата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС да се достават по електронска пошта, а делегатите по истите да се изјаснат најдоцна во периодот од 25 до 30 јуни, 2020 година, до 12.00 часот, кога Управниот одбор на ЗЕЛС ќе ја одржи следната седница, четиринаесетта по ред.

Усвоени документи за финансиското работење на ЗЕЛС


Управниот одбор ја разгледа завршната сметка на ЗЕЛС за 2019 година, што ја презентираше извршната директорка, Душица Перишиќ. Таа изјави дека минатата година ја смета за финансиски успешна година за ЗЕЛС, од аспект на реализација на обврските на незините членки за плаќањето на членарината, при што нагласи дека тоа е многу значаен фактор за јакнење на финансиската самоодржливост на Заедницата. Беа претставени и реализираните расходи, соодветно на активностите што ЗЕЛС ги спроведуваше во 2019 година, а беше ставен на разгледување и Извештајот на Независна ревизорска куќа за финансиското работење на ЗЕЛС. Овие два документа беа едногласно усвоени од страна на членовите на Управниот одбор и истите ќе бидат доставени и до Генералното собрание на ЗЕЛС. При тоа, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, кој воедно е и претседателот на Надзорниот одбор на ЗЕЛС и член на Управниот одбор упати пофални зборови за рационалното користење на приходите и за успешното менаџирање околу исплатата на заостанатите долгови на општините кон ЗЕЛС.

Управниот одбор на ЗЕЛС го усвои и Предлог - Извештајот за работата на ЗЕЛС за 2019 година, во кој прегледно се изнесени сите активности на телата и органите; процесите на лобирањето до централната власт; континуираното информирање на општините; реализираните обуки за јакнење на капацитетите на општинската администрација; поддршката на општините во користењето на информациските системи; реализацијата на одредени проекти подржани од донаторски организации; како и соработката што ЗЕЛС активно ја спроведува со многу домашни и странски организации.

Реафирмација на иницијативата за продлабочување на процесот на децентрализација

Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС по точката ,,разно“ изнесоа низа мислења, ставови и иницијативи. Беше нагласена потребата ЗЕЛС да ја реафирмира иницијативата за продлабочување на процесот на децентрализација. Кризата со вирусот COVID-19, што го зафати светот но, и нашата земја претставува дополнителна потврда дека актуелниот систем на локална власт во нашата земја е дисфункционален. Поточно, дека локалните власти во одредени сегменти имаат половични или непрецизно дефинирани ингеренции чие спроведување зависи од вклучувањето или од одлуките на низа институции од централната власт. Во реалноста тоа предизвикува истовремено и незадоволство кај граѓаните од работењето на општината. Со оглед дека корона кризата се очекува да продолжи и во следниот период, беше предложено ЗЕЛС итно да иницира донесување и на комплетно ново законско решение за ингеренциите и улогата на единиците на локална власт во услови на криза или други вонредни ситуации. Присутните се согласија дека нагласената потреба за темелни реформи, односно утврдување на функционален механизам за справување со елементарни непогоди, епидемии, пандемии и други кризни ситуации, е дополнително потврдена и од евидентната некоодинираноста на трите државни институции надлежни за справување со кризи во земјава и нивната ,,тромост“ во преземањето на потребните мерки. Беше заклучено Управниот одбор да ги нотира сите предизвици со кои локалните власти се соочиле во услови на криза и да даде предлози за ингеренциите што општините би требало да ги имаат во вакви услови. При тоа беше нагласено да се посвети посебно внимание и на улогата на територијалните противпожарни единици, на можностите за префрлање на одредени ингеренции на полицијата на локални ниво, но и на надлежностите на инспекциските служби.

Владините мерки за отсуство од работа на одредени категории на граѓани, значително влијаат врз ефикасното работење на општините


Градоначалниците посочија на негативните рефлексии од користењето на владините мерки (отсутност на родители на деца до 10 години, хронично болни и друго....)од страна на општинската администрација, врз работењето на општината. Беше предложено да се испрати допис до Владата во насока на ревидирање на оваа одлука, особено за намалување на возрасната границата на децата чии родители остануваат дома за нивно згрижување. Присутните беа информирани дека иницијатива за разрешување на ова прашање ЗЕЛС веќе има испратено до Владата на РСМ како резултат на доставена реакција од неколку општини, но досега не стигнал повратен одговор.

Иницирање за отворање на дијалог со МОН и со МФ за навремена поддршка на општините доколку во септември продолжи „рационализацијата“ на капацитетите на автобусите за превоз на учениците

Беше изнесена и потребата за иницирање на барање до централната власт за навремено преземање на мерки со кои ќе се поддржат локалните власти во делот на задолжителниот превозот на учениците, доколку во септември корона кризата се уште е присутна во земјава и важат мерките на ,,рационализација“ за 50% на капацитетот на автобусите. Во тој случај ќе биде доведена во прашање практичната примена на законските одредби што ги издејствува ЗЕЛС, пред две години, за користење на линискиот и меѓуопштинскиот превоз од страна на учениците. Локалните власти би се соочиле со повторно распишување на тендерски постапки, заради потребата од двојно зголемување на бројот на автобуси; повисоки цени за превоз на учениците и слично. Затоа е потребно навремено да се отвори заедничко решавањето на ова прашање со Министерството за образование и наука и со Министерството за финансии, особено во делот на финансиските имликации што оваа мерка би ги предизвикала во општините.

Недостаток на градежни инспектори - голем предизвик за локалната власт

Недостатокот на одредени административни кадри во општините, повторно беше тема на разговор и на овој состанок на Управниот одбор на ЗЕЛС. Стана збор за недостатокот на градежни инспектори. Во овој момент, со овој предизвик се соочува Општина Охрид, која реализира поголеми зафати на отстранување на бесправно изградени објекти, па градоначалникот на општината побара поддршка од другите општини од ваков кадар. Беше посочено дека ситуацијата е алармантна во сите општини и дека можеби треба да се размислува во насока на законски измени за промена во условите за вработување на вакви лица. Поточно да се овозможи поширока рамка во делот на образованите квалификации на кандидатите, односно да се даде можност да се пријавуваат и правници, урбанисти и слично. На овој предизвик во областа на урбанизмот, градоначалниците посочија на уште еден предизвик, поврзан со утврдените ,,стари градски јадра“, заштитени објекти со историско наследство“ и слично, кои предизвикуваат огромни застои во урбанистичките и градежни решенија на општината. Беше посочено дека Град Скопје веќе има поднесено слична иницијатива до Националниот конзерваторски центар Скопје и дека би било полезно ЗЕЛС да иницира предлог за соодветни законски измени до надлежните институции, во името на сите општини.

Намалувањето на приливот на средства од ДДВ катастрофално за општините, но особено за помалите

На седницата беше укажано на негативните имликациите што корона кризата ги предизвикува во економијата. Беше посочено дека приливот на средствата од ДДВ во државната касата се значително намалени, аналогно со тоа и приливот на приходи на општините по овој основ значително ќе се намалат во 2021 година, што е сериозен предизвик за сите локални власти, но особено за помалите општини. Беше нагласено дека за ова прашање треба навремено да се дискутира со централната власт, но истовремено да се разгледа и во еден поширок контекст, во насока на редефинирање на ингеренциите на локалните власти, процес кој го отвори ЗЕЛС уште минатата година.






назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2019

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.