-,,Јавните претпријатија и трговските друштва, основани од државата, општините и Град Скопје конечно ќе можат да го разрешат прашањето со натрупаните долгови и да се посветат на поквалитетно извршување на својата функција, во корист на граѓаните”, ова вчера го истакна Коце Трајановски, претседател на ЗЕЛС, на прес-конференцијата, што се одржа во просториите на Асоцијацијата, по повод влегувањето во парламентарна процедура на Предлог - законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговски друштва, основани од Република Македонија, општините и Град Скопје, кој беше донесен како резултат на повеќегодишните притисоци и барња на ЗЕЛС и општините.до централната власт. На овој Предлог-закон пратениците му дадоа поддршка на вчерашната седница и изгласаа тој да биде разгледуван во скратена постапка.
Трајановски пред новинарите истакна дека даночниот долг со кој се соочуваат овие јавни претпријатија ја достигна цифрата од повеќе од три милијарди денари, односно над 50 милиони евра, а поголемиот дел од него припаѓа на достигнатите камати. Тој нагласи дека овој предлогот за изнаоѓање на законски решенија за солвирање на овој проблем е на барање на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС и поддржан од сите градоначалници, и треба да им овозможи на јавните претпријатија, натрупаните долгови од ДДВ, од персоналниот данок и од данокот на добивка да ги отплаќаат максимално на 120 еднакви месечни рати, во текот на десет годишен период, со грејс период од најмногу три години. Предвидено е плаќањето да може да се реализира и во пократки рокови на барање на секој даночен должник, а законот обезбедува исти можности за сите даночни должници. Даночните должници кои целосно ќе го отплатат даночниот долг според условите пропишани со овој закон, нема да се задолжат со обврска за плаќање на камата на даночниот долг. Услов за плаќање на долгот на рати е редовно плаќање на новите даночни обврски. Претседателот на ЗЕЛС, ја искористи можноста да им се заблагодари на пратениците, од сите политичките партии и на позицијата и на опозицијата, кои му дадоа поддршка на предлогот на ЗЕЛС, што треба да обезбеди натамошна финансиска стабилност на јавните пртпријатија, односно да овозможи граѓаните да добиваат поквалитетни услуги од ови претпријатија.
|