Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Одржана трета седница на Комитетот на советите при ЗЕЛС
2 јули 2019
 

 

Комитетот на совети при ЗЕЛС ја одржа третата седница на 4 јули, 2019 година во просториите на Заедницата. Присутните беа информирани за препораките и заклучоците од средбата на Управниот одбор на ЗЕЛС со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на која присуствуваа и советници од неговиот Кабинет, а која се одржа на 22 јуни, 2019 година, во Струга. На средбата беше договорена временска рамка за динамиката на активности кои одат во насока од 1 јануари, 2020 да започне реализација на нов бран во стратегискиот развој на децентрализацијата на локалната власт во земјава, обезбедување на поголема финансиска стабилност на единиците на локалната власт и фазно пренесување на надлежности од централно на локално ниво, во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно. При тоа посебен акцент беше ставен и на преиспитување на можностите за обезбедување на поголем прилив на финансиски средства од сопствените извори на приходи на општините, како што е данокот на имот. Речиси сите општини досега ја користат најниската ставка од законски утврдените можности (0,1% до 0,2%) за пресметување на овој данок. На средбата стана збор општините да започнат да ја користат горната законска граница за пресметување на данокот на имот, за што треба да се сложат сите градоначалници, а потоа по предлогот ќе одлучува Советот на секоја општина. За ова прашање се отвори и дебата на седницата на Генералното Собрание на ЗЕЛС, кое е највисокиот орган на Заедницата, каде беше заклучено да се упати препорака до сите членки, да изградат заеднички став кон прашањето за утврдување на воедначена зголемена ставка на данокот на имот.

Членовите на Комитетот беа информирани дека ЗЕЛС веќе испрати ваков допис до сите градоначалници и дека одговорите кои досега стигнуваат се во насока на прифаќање на овој предлог. На овој начин, локалните власти ќе испратат порака до централната власт дека се подготвени барањата за поголема финансиска независност да ги поткрепат и со сопствени мерки за искористувањето на законските можности за обезбедување на финансии од сопствените приходи. Исто така, овие средства ќе бидат од директна полза за самите граѓаните во секоја општина, бидејќи директно ќе го надополнат буџетот на самата општина.

Присутните го поддржаа овој предлог, но посочија дека за реализација на овој чекор ,,жешките костени“ се оставени на советниците. При тоа посочија дека на советите ќе им е потребна голема поддршка за спроведување на соодветна стратегија или кампања за информирање на граѓаните за полезноста од зголемувањето на ставката на овој данок. Беа изнесени и гледишта дека ваквите зафати се избрзани и дека е можеби подобро прво, во даден временски период, сите општини максимално да се посветат на спроведување на законските обврски, односно да спроведат соодветни активности во согласност со Закон. Поточно секоја општина да ја утврди комплетната база на објекти, кои се предмет на вакво оданочување и да спроведе целосна репроценка на вредноста на објектите кои се оданочуваат, според актуелната методологија и се разбира да обезбедат целосна наплата. Со тоа, во најголем број општини драстично ќе се зголемат средствата во буџетот, а и ќе се намалат реакциите кај граѓаните кои редовно го плаќаат овој данок, наспроти оние кои не се евидентирани, кои плаќаат многу ниска вредност или воопшто не го плаќаат истиот.

Членовите на Комитетот беа информирани и за прашањето за утврдување на висината на надоместокот за „легализација“ на објектите, кои се бесправно изградени во периодот по стапување на сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно изградени по 3 март, 2011 година. Мерката која е предложена е – утврдување на правен статус на бесправен објект кој бил изграден по 3 март, 2011 година, само под услов истиот да може да биде вклопен во урбанистичко – планската документација и за истиот да се плаќа дополнително зголемен процент од редовната висина на надоместокот за уредување на градежно земјиште – популарно наречени “комуналии”. Рангот на определување на висината на надоместокот, согласно оваа мерка, беше дебатирано да се движи од двојно зголемени комуналии од редовно утврдените за конкретната планска зона, преку ранг на зголемена висина на надоместокот од 120% до 150% од редовно утврдената висина на комуналиите.

Присутните посочија дека и во овој предлог гледаат многу позитивни промени, при што посочија дека е потребно да не се дозволи да се направат истите ,,грешки,, како и со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, каде се беше ставено со иста појдовна позиција. Односно посочија да се утврди како ќе се постапува со објекти кои биле изградени надвор од градежен опфат, каде подолг период општината не донела урбанистички план или друг плански документ. Потоа, како ќе се постапува со објекти кои имаат помошна улога во земјодлството, со објектите кои припаѓаат на лица кои се приматели на социјална помош и слично.

На седницата претставник од Комитетот на советите посочи дека ЗЕЛС треба навремено да се реагира на измени на Законот на игри на среќа и за забавни игри, а особено во делот посветен на условите каде вакви објекти може да се отвораат. Наместо, користење на просторна оддалеченост, односно колку метри да биде оддалечен ваков објект од училишта, културни, здравствени и други установи, беше предложено да се утврди вакви објекти да може да се отвораат само во хотелски објекти и во трговски центри. На овој начин ќе се обезбеди заштита на ,,ранливите групи,, од вакви пороци, но истовремено да се обезбеди данокот на добивка од игри на среќа да биде дополнителен приход за општините .

На крајот на состанокот беше заклучено членовите на Комитетот на советите до крајот на месец август да одржат средби со претседателите на советите од општините од својот плански регион, каде подетално ќе дискутираат за овие предлози и ќе донесат одредени ставови. При тоа,беше побарано на овие состаноци да се вклучи и некој претставник од ЗЕЛС, со цел посоодветно да се презентираат позитивните страни на предлозите. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, посочи дека досега Комитетот на советите при ЗЕЛС треба поинтензивно да ги запознава советниците со улогата и стратегиските цели на ЗЕЛС, што е една од нејзините позначајните улоги. Таа нагласи дека сите советници го добиваат весникот на ЗЕЛС,, Гласило од ЗЕЛС„ каде експлицитно се пренесени сите активности на телата и органите на Заедницата, иницијативит, предлозит, успесите, средбите со домашни и странски тела и организации, обуките за општинската администрација, инфоратичките системи што ги одржува ЗЕЛС а, ги користат општините и слично. Исто така, беше посочено дека ЗЕЛС во соработка со УНДП го реализираат проектот „Зајакнување на општинските совети“. Токму на оваа седница беше повикан и претставник од УНДП, кој го информираше Комитетот на советите за активностите на проектот реализирани од 1 ноември 2018 година до 31 јуни, 2019 година. Затоа таа побара членовите на Комитетот редовно да ги информираат останатите претседатели на советите за сите активности во ЗЕЛС и потоа да ги пренесат нивните ставови на Заедницата, со цел преземање на натамошни соодветни постапки за подобрување на улогата на советниците во локалната власт.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2018

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.