На 05 декември, 2019 година (четврток) во Скопје, во хотелот „Александар палас“ со почеток во 12.00 часот, Генералното Собрание на ЗЕЛС ќе ја одржи петтата седница. Делегатите на ова највисокото тело на ЗЕЛС, градоначалниците и членовите на Комитетот на советите при ЗЕЛС ќе ги разгледаат најзначајните документи за работењето на Заедницата за следната година: Акцискиот план и Буџетот на ЗЕЛС за 2020 година. На дневен ред ќе бидат и одредени измени во Статутот на Заедницата. Пред присутните ќе се обрати претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, кој ќе говори за активностите и идните планови за унапредување на системот на локалната власт во нашата земја. На седниците на Генералното собрание делегатите отвораат дискусија за актуелни прашања поврзани со локалната власт и имплементирањето на децентрализацијата на власта во нашата земја и изнесуваат предлози и иницијативи за надминување на предизвиците.
Според Статутот на ЗЕЛС градоначалниците на единиците на локалната самоуправа, по функција се делегати на Генералното Собрание на ЗЕЛС, а претседателите на општинските совети се нивни заменици. Во случај на спреченост да присуствуваат и градоначалникот и претседателот на советот на општината, градоначалникот може да овласти член на Советот да го заменува на седницата. Овластувањето за оваа намена се издава исклучиво во писмена форма. Генералното собрание на ЗЕЛС има вкупно 90 делегати, 81 градоначалник и девет членови на Комитетот на советите при ЗЕЛС.
|