Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Генералното собрание на ЗЕЛС ја одржа шестата седница по електронски пат
1 јули 2020
 

Генералното Собрание на ЗЕЛС ја одржа шестата седница, во согласност со член 16, став 7 од Статутот на ЗЕЛС, каде е утврдено дека ова тело може да работи и на седници кои се одржуваат на електронски начин. Во таа насока на делегатите по електронска пошта им беа доставени: поканата, дневниот ред и материјалите за седницата, со упатство за начинот на работа, начинот на донесување на одлуките и начинот на гласање. Од вкупно 90 делегати, колку што брои ова највисоко тело на ЗЕЛС, 65 делегати се изјаснија со пополнување на Изјава за начинот на гласање по точките од дневниот ред и истата заверена во форма на електронски документ ја доставија до ЗЕЛС, до 30 јуни, 2020 година, до 12,00 часот, термин утврден како почеток на седницата. На овој начин Генералното собрание на ЗЕЛС со мнозинство гласови, ги усвои завршните документи за финансиското работење за претходната година и Извештајот за работата на ЗЕЛС за 2019 година. Шеесет и два градоначалника и тројца делегати од Комитетот на советите се изјаснија позитивно за сите точки, освен еден градоначалник, кој се изјасни воздржан за втората точка- Одлука за усвојување на Извештајот на независна ревизорска куќа за финансиското работење на ЗЕЛС во 2019, а по другите точки даде позитивно мислење. Ставот на делегатите беше дека во услови на зголемен број на заразени од корона вирусот во земјата и потребата за зголемено ниво на одржување на лична заштита, изјаснувањето преку електронска пошта е функционален а, истовремено и легитимен начин на донесување на одлуки на Генералното собрание на ЗЕЛС.

Дел од активностите посветени на унапредување на системот на локалната самоуправа во земјава

По првата точка од дневниот ред –„Извештај за работата на ЗЕЛС за 2019 година“ на делегатите им беше доставено изданието на ,,Годишен извештај на ЗЕЛС за 2019 година“ . Во него детално се прикажани активностите и резултатите на органите и телата на ЗЕЛС, реализирани во текот на минатата година, кои се однесуваат на исполнувањето на трите стратегиски цели на ЗЕЛС: 1. Застапување и лобирање; 2. Обезбедување и одржување систем на услуги за единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) и 3. Обезбедување одржливост и професионалност на извршната канцеларија. Во 2019 година од особена важност беа активностите поврзани со реализација на иницијативата покрената од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС , а потоа прифатена и од Генералното Собрание за унапредување на системот на локалната самоуправа во земјава. ЗЕЛС изнесе предлог –концепт за продолжување на процесот на децентрализацијата, утврден во три насоки: фискална децентрализација; проширување на надлежностите на ЕЛС и промени во организацијата на локалната власт. Најголем напредок во разговорите со централната власт беше постигна во делот за проширување на надлежностите. Сепак, одредени политички состојби во земјата овие разговори ги оставија за реализација во следниот период, односно по спроведувањето на вонредните парламентарни избори во земјата. Со цел зголемување на финансиската самостојност на општините, во рамките на ЗЕЛС беше нагласена заложбата сите локални власти да ги зголемат активностите за собирање на сопствените приходи, при што при беше покрената и иницијативата за зголемување на стапката на данок на имот, во рамките на законските можности. Од особена важност беше и реафирмирањето на активностите на комисиите при ЗЕЛС. Комисијата за урбанизам и просторно планирање и Управниот одбор на ЗЕЛС посветија поголемо внимание на нацрт-верзија на Предлог-законот за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти, при што со консензус беше договорено да се стави крај на нелегалното градење, а беа изнесени и низа други предлози. Предмет на дискусија беа и Предлог-законот за урбанистичко планирање, текстот на Нацрт–законот за градење, Правилникот за категоризација на градбите и слично. Забележителна активност во овој период имаше и Мрежата на територијални противпожарни единици (ТППЕ).

,,ЗЕЛС тренинг центарот“ во текот на минатата година реализира низа обуки, советувања и работилници на кои присуствуваа 881 лице од општинската администрација и општинските совети. ЗЕЛС продолжи и со поддршката на општините во користењето на сите информациски системи. Само преку системот www.gradezna-dozvola.mk, општините издадоа 2.109 одобренија за градење, а преку информацискиот систем www.e-stvari.mk имаше околу 100 објави за аукции. ЗЕЛС реализираше и повеќе проекти за поддршка на локалните власти за спроведувањето на надлежностите и подобрувањето на услугите. Беше реализиран проектот „Поддршка на единиците на локалната власт на РСМ во промоција на одржлива урбана мобилност“, а беше обезбедена и поддршка на општините за изработка на документот ,,функционална анализа“. Активностите во областа на родово еднакви општини продолжија преку новиот двегодишен проект, поддржан од UN Women, во чии рамки беше формирана и Лоби група за родова еднаквост на ЗЕЛС. Како партнер во проектот „Зајакнување на општинските совети“, ЗЕЛС даде посебен придонес во втората компонента, која се однесува на вмрежувањето на општинските советници. Активната соработка на ЗЕЛС со бројни домашни и странски организации и агенции континуирано се одвиваше и во минатата година.

Ревизорскиот извештај потврда за доброто финансиско работење на ЗЕЛС

Извештајот на независна ревизорска куќа за финансиското работење на ЗЕЛС во 2019 година, како втора точка од дневниот ред, беше усвоен со 62 гласа и еден воздржан. Даденото мислење на Ревизорската куќа покажува дека финансиските извештаи во сите материјално значајни аспекти, ја презентираат реално финансиската состојба на Заедницата, како и нејзината финансиска успешност за минатата годината, во согласност со Законот за сметководство на непрофитни организации.

Општините се повеќе посветени кон редовно плаќање на членарината

Управниот одбор ја разгледа и Завршната сметка на ЗЕЛС за 2019 година, каде е даден соодветен приказ на приходите и на расходите на Заедницата за претходната година. Од Управниот одбор на ЗЕЛС беа упатени пофални зборови за рационалното користење на приходите, а со сите гласови ,,За“ усвојување на овој документ, истото го потврдија и делегатите на Генералното собрание на ЗЕЛС. Всушност, минатата година се смета за финансиски успешна година за ЗЕЛС, од аспект на реализација на обврските на незините членки за плаќање на членарината, што е многу значаен фактор за јакнење на финансиската самоодржливост на Заедницата. Потврда за тоа се бројките на приходите од членарината кои учествуваат со 86,5% во вкупните приходи на ЗЕЛС, а приходите од донација се со учество од само 9,2 %. Всушност, повеќе општини со блокирани сметки и високи долгови, кои добија средства за покривање на половина од евидентираните долгови што ги доставиле до Министерството за финансии, ја искористија оваа можност и за исплата на долгот кон ЗЕЛС, по основ на членарина. Во однос на структурата на трошоци, поединечно беа прикажани трошоците за активностите за лобирање; за поддршка на органите и телата на ЗЕЛС; за обуки и логистика; печатење и информирање и за ЗЕЛС единицата за поддршка на електронските услуги- ЗЕПЕ (е-системи, софтвер, хардвер и оддржување). Во пристигнатите изјави немаше предлози од делегатите за дополнителни точки на дневниот ред, ниту пак, беа доставени дополнителни иницијативи за лобирање.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Годишен извештај 2019

Гласило

Урбана и одржлива мобилност-Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги



Forumski moderatori.mk

© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.