ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
„Единствен и успешен ЗЕЛС уште многу години“ – роденденска честитка од делегатите на втората седница на Генералното собрание на ЗЕЛС
27 април 2018
   -„ Ви го честитам 26 Април- Денот на општините и роденденот на ЗЕЛС“. Со овие зборови, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов го започна своето обраќање пред делегатите на втората седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, во хотелот „Александар Палас“, чиј датум на одржување беше утврден токму на овој ден, меѓу другото и со цел, скромно да се одбележи 46-тиот роденден на Заедницата. –„ Иницијативата што ја дале претседателите на тогашните собранија на општините: Куманово, Кочани, Охрид, Скопје и Тетово, била прифатена на основачкото собрание, одржано на 26 април, 1972 година од страна на претставниците од сите 34 општини. Затоа, овој датум, во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „ Ден на Општините“ и „Ден на ЗЕЛС“, додаде Шилегов, посочувајќи дека и до ден денес ЗЕЛС е единствената организација преку која сите локални власти во земјата ги градат своите заеднички политики и излегуваат на преговори пред централната власт. При тоа, тој им порача на делегатите да го чуваат единството во ЗЕЛС, бидејќи тоа е најсилната алатка на патот на развивањето на процесот на децентрализацијата на власта, јакнењето на финансиската стабилност на општините и обезбедувањето на поадекватни законски решенија при спроведувањето на локалните надлежности и му поска на ЗЕЛС да слави многу идни родендени и јубилеи.


Пред делегатите се обрати и Министерот за локална самоуправа на Република Македонија, Сихејл Фазлиу, кој се одзва на поканата на ЗЕЛС и на присутните им го честиташе „Денот на општините и роденденот на Заедницата“. Тој посочи дека очекува партнерството меѓу ЗЕЛС и министерството да помогне во совладување на идните предизвици кои произлегуваат од Програмската определба на Владата за продолжување на децентрализацијата во областите во кои што граѓаните ќе можат да бидат поквалитетно и поефикасно сервисирани на локално ниво. Најави дека во следниот период Министерството ќе работи на подобрување на нормативната рамка на Законот за рамномерен регионален развој и на подзаконските акти, како и на измените на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација, заедно со Акциски план за нејзино спроведување до 2020 година. Фазлиу посочи дека е започнат процесот на преиспитување на наменските и блок дотациите, при што се ангажирани домашни и странски експерти кои низ детална анализа треба да предложат решенија за одржливо и стабилно функционирање на надлежностите на локалните власти. Исто така, тој ги информираше присутните дека е потпишана финансиска спогодба за отпочнување на имплементација на Програмата за прекугранична соработка со Србија, а во мај, ќе се договараат правилата и процедурите и ќе почнат подготовки за организирање на првиот јавен повик. Министерот Фазлиу ги потсети делегатите дека до 11 мај е отворен повикот за проекти со Бугарија и дека имплементацијата на Програмата за соработка со Косово е веќе започната. Исто така информираше дека се очекува следниот месец да заврши и процесот на оценување на проектите за развој на планските региони на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Своето обраќање Фазлиу го заврши со апел за развивање на взаемната соработка во полза на граѓаните.



Потоа, Генералното собрание на ЗЕЛС продолжи со предвидениот дневен ред на седницата, на која прво претседателот на ЗЕЛС накратко ги презентираше активностите што биле реализирани во текот на минатата година. Тој посочи дека во таа насока е публикуван „ Годишен извештај на ЗЕЛС за 2017 година“ што им е поделен на делегатите, од каде може подетално да се запознаат со она што е реализирано во минатата година Го издвои периодот, кога поради ненавременото распишување на локалните избори, во првата половина на годината, под знак прашалник беше ставено функционирањето на општините, после 15 мај, 2017 година. Односно градоначалниците и советниците немаа законска основа за донесување на одлуки и потпишување на документи по овој датум. По повеќе апелирања на Управниот одбор на ЗЕЛС, разрешница имаше на 1 јуни, 2017 година кога Собранието на РМ ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик на Република Македонија, каде беше утврдено дека локалните избори ќе се одржат во првата половина на октомври, а мандатите продолжуваат до изборот на новите советници и градоначалници. При тоа беше изнесено дека сето тоа се рефлектираше со намалено лобирање од страна на ЗЕЛС како и реализирање на обуки за општинската администрација, но не изостана поддршката што ЗЕЛС им ја даваше на општините за спроведување на електронските постапки. Шилегов истакна дека во минатата година по локалните избори беа конституирани сите тела на ЗЕЛС, дека е избрано претседателство, како и сите членови и делегати во домашни и странски организации и тела каде Заедницата има свои претставници. Ги посочи и средбите со повеќето министри, но и со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и упатените заложби од нивна страна дека во фокусот на централната власт е развивањето на децентрализацијата, поддршката на рамномерниот регионален развој, како и обезбедување на поголема финансиска стабилност на општините.
Потоа пред делегатите извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ го презентираше Финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2017 година, остварените приходи и расходи, добиениот позитивен ревизорски извештај. Беше посочено дека минатата година намалени се приходите од членарината од општините, по што претседателот на ЗЕЛС, Шилегов, упати апел до сите членки навремено да ја реализираат оваа обврска кон ЗЕЛС, а оние кои наследиле долгови и за неплатена членарина, да го утврдат начинот и роковите, со кој истиот ќе го исплаќаат. Шилегов апелираше до присутните да се посветат повеќе и на собирање на своите изворни приходи, а особено внимание да посветат на евидентирањето, утврдувањето на реалната даночна основа и на собирањето на данокот на имот, како еден од позначајните извори за полнење на општинската каса.

По усвојувањето на Финансискиот извештај на ЗЕЛС и на Извештајот за активности за 2017 година од страна на Собранието, делегатите ги изнесоа и предизвиците со кои се соочуваат во своето работење но, и предлози за нивно надминување. Беше посочено дека локалната власт нема увид колку средства собираат правните лица овластени да вршат технички преглед на возилата, па соодветно на тоа општината нема увид колку средства треба да и бидат префрлени на општината, а беше укажано дека истите се префрлаат со големо задоцнување. Затоа беше предложено, да се иницираат законски измени со кои ќе се обезбеди овие средства да се плаќаат директно на сметка на локалната власт . Беше иницирано да се изнајде адекватно решение за одобрување на приклучок на електрична енергија од страна на ЕВН за нови објекти, изградени во руралните средини каде општината се уште нема донесено урбанистички план, бидејќи за негова изработка нема доволно финансии. При тоа беше посочен и предизвикот со ЕВН во однос на префрлањето на средствата од уличното осветлување. Општините предлагаат ЕВН секој месец или на тримесечен период да дава извештај на општините колкава им е наплатата на сметките за електрична енергија, како и да ги информира за бројот на евидентираните броила на територија на секоја општина. Беше укажано дека локалните власти имаат добиено многу малку средства од Фондот за магистрални и регионални патишта и дека тие треба значително да се зголемат. При тоа беше посочено дека континуирано се уништуваат локалните патишта за чие одржување се надлежни локалните власти, од камионите и другите товарни возила на компаниите кои добиле одредени концесии или кои вршат експлоатација на шумите во подрачјето на општината. Општината нема доволно средства за нивна рехабилитација, за што добиваат поплаки од граѓаните. Стана збор и за потребата од повторно разгледување на прашањето за измени во Законот за пожарникарство, особено во делот на наменските дотации за плати на вработените во противпожарните единици од страна на Министерството за внатрешни работи. Беше предложено да се врати важењето на општи акти врз основа на кои помалите рурални општини, во услови на неизработени детални урбанистички планови, може да издадат одобрение за градење. Ова е значаен проблем за руралните општини и при аплицирањето во проектите за средства од европските фондови. Беше посочено дека јавните претпријатија иако имаа адекватен инженерски кадар, според постојната законска регулатива немаат право да подготвува идејни и основни проекти за инфраструктурни зафати во општината, за што беше иницирано да се пристапи кон законски измени во овој домен. Претседателот на ЗЕЛС истакна дека сите овие предлози и иницијативи изнесени на Генералното собрание ќе бидат разгледани на Управниот одбор на ЗЕЛС, а донесените одлуки ќе бидат доставени до надлежните институции и министерства.


На крајот на втората седница на највисокиот орган на ЗЕЛС, Претседателот на ЗЕЛС и двајцата потпретседатели свечено ја пресекоа роденденската торта на ЗЕЛС и му посакаа успешно функционирање уште многу години.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.