ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
Управниот одбор ги усвои новите Систематизирани ставови на ЗЕЛС
4 јуни 2018
 
Во административната зграда на ЗЕЛС, на 31 мај, 2018 година, Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа петтата седница. Присутните дискутираа по утврдените точки од дневниот ред, кои се однесуваат на актуелни прашања од локално значење, а посебно внимание беше посветено на разгледувањето на нацрт - систематизираните ставови на ЗЕЛС. Станува збор за листа на предлози и барања, кои треба да претставуваат појдовната основа на ЗЕЛС во преговорите со централната власт, за подобрување на состојбите во општините и развојот на децентрализацијата во земјата. На присутните им се обрати државниот секретар на Министерството за финансии, Елена Трпковска, која побара поголема ефикасност од општините при спроведувањето на новиот Закон за пријавување и евиденција на обврски. Беше разгледана и иницијативата доставена од општината Тетово, која се однесува на Предлог -Законот за измени и дополнувања на Законот за игри на среќа. Присутните членови на Управниот одбор на ЗЕЛС отворија и многу други прашања на локалните власти, меѓу кои: примената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, регулирањето на сообраќајниот режим и паркинг местата, состојбата со кучињата скитници, долгиот процес на донесувањето на деталните урбанистички планови и друго.


 

Активно вклучување на општините во спроведувањето на новиот Закон за пријавување и евиденција на обврски

Државниот секретар на Министерството за финансии, Елена Трпковска посочи дека новиот Закон за пријавување и евиденција на обврски ќе овозможи обезбедување на транспарентност и јакнење на одговорноста при располагањето со јавни средства, преку целокупно евидентирање на преземени, доспеани и неплатени обврски во соодветен електронски систем, од страна на сите органи на државната власт, јавните установи и институции и единиците на локалната самоуправа. Со тоа ќе се овозможи унифицирана евиденција на сите располагања со јавни средства, во однос на преземени, а недоспеани обврски и на доспеани, а неплатени обврски, преку пријавување на истите, во соодветен електронски систем. Таа посочи дека Министерството има направено и листи на органи, установи, заводи, агенции, фондови и други правни лица, чиј основач е државата или единиците на локална власт и кои користат јавни средства, а до секоја општина е испратен допис со досега евидентираните правни субјекти каде основач е општината и со висината на долговите што тие ги имаат кон конкретни доверители. Беше побарана поддршка од општините за што поголема ефикасност во спроведувањето на овие обврски и сериозен пристап во ревидирањето или дополнувањето на доставените податоци во овие листи. Присутните беа информирани дека на веб страната на Министерството за финансии има поставено корисничко упатство (во видео форма), за користење на електронскиот систем и дека министерството е отворено за натамошна поддрша вопроцесот. Управниот одбор донесе заклучок сите дописи што Министерството веќе ги има доставено до општините да ги достави и до ЗЕЛС, истите потоа да бидат уште еднаш препратени со препорака за сериозен пристап на секоја општини во утврдувањето и евидентирањето на бараните податоци.

Упатен предлог до ЕЛС за поголема отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

Претседателот на ЗЕЛС ги информираше присутните за остварената средба со министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски на која беше изнесен предлогот и локалните власти да се приклучат да ја користат владината електронска алатката за отчетност за трошоците на носители на јавни функции. Беше посочено дека локалната власт е самостојна и посебна власт и дека ниту ЗЕЛС, ниту Владата не можат да и наметнат обврски, но дека со прифаќањето на нејзино користење и од страна на локалните функционери, ќе се покаже желбата за домаќинско и рационално трошење на парите на граѓаните, како и поголема транспарентност во нивното работење. Се очекува притисок за примената на оваа алатка да дојде и од страна на самите граѓани. Беше заклучено ЗЕЛС до сите општини да ги испрати формуларите и објаснувањето на начинот на користење и пополнување на алатката, со препорака истата да биде што помасовно прифатена.

УО ги усвои новите Систематизирани ставови на ЗЕЛС:

Следната точка на дневниот ред беше: утврдувањето на систематизираните ставови на ЗЕЛС. Градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски како претседател на посебно формираната Работна група која работеше на ревидирањето на досегашните систематизирани ставови, образложи дека членовите се фокусирале на рационализирање и утврдување на најзначајни предлози со кои ЗЕЛС во наредниот период ќе истапува пред централната власт и ќе се залага за нивно, што поскоро реализирање. Во содржината на нацрт –документот беа опфатени 16 точки кои системски ги опфаќаат важните прашања во преговорите со Владата и произлегуваат од предизвиците со кои се соочуваат ЕЛС. Истите се однесуваат на обезбедување на поголема финансиска стабилност на локалните власти, но опфаќаат и теми за нов бран во стратегискиот развојот на децентрализацијата на власта во земјата

Најпрво беше утврдена неопходноста за подготовка на анализи, кои ќе дадат пресек на состојбите во ЕЛС, од речиси тринаесетгодишното имплементирање на децентрализацијата на власта во земјата ( од 1 јули 2005 година). Анализи во однос на средствата кои сега се префрлаат на општините за спроведување на надлежностите, законската поставеност на обврските на единиците на локалната власт, како и нивната организациската поставеност за нивно квалитетно спроведување.

Постигнување на поголема финансиска стабилност на општините е клучна за ЕЛС. Во тие рамки е потребата за зголемување на средствата од блок дотациите, поголемото зафаќање до ДДВ и од персоналниот данок во ползана општините, но изнесени се и предлози за зголемување на зафаќањето и кај сопствените приходи (како што е процентот од данок на имот) и воведување на нови извори на приходи за општините.

Беше посочена потребата од воспоставување на „буџетски преговори“ со Владата, уште во фаза на подготовка на Буџетот на Република Македонија, со цел локалната власт навремено да реагира за средствата кои се одвојуваат за нејзините потреби, како и воспоставување на редовна пракса за одржување на квартални средби, за реализацијата на трансферите за блок и наменските дотациите и капиталните инвестиции.

Во предлозите беше нагласена подготвеноста на ЕЛС за преземање на нови надлежности, кои поуспешно би се извршувале на локално ниво, но исклучиво само доколку со нивното префрлање се обезбедат и адекватни средства. Тука беа посочени одредени надлежности од центрите за социјална заштита, од агенцијата за вработување, итната медицинска помош и здравствените домови, управни функции од МВР, установи од областа на културата и друго.

Управниот одбор посочи дека треба похрабро да се размислува и за промени во насока на подобрување на организацијата на локалната власт и преиспитување на моделот на монотипни единици на локална власт, со еднакви надлежности, без разлика на нивната големина и капацитет и нивно трансформирање и воведување на политипен вид на ЕЛС. При тоа беше посочена и потребата од законски промени на организационата поставеност и на градот Скопје.

Не беа изоставени ниту ставовите за потребата од доследно почитување на Законот за рамномерен регионален развој, адекватна поддршка на општините со долгови и блокирани сметки, пренесување на досега расцепканите средства за капитални инвестиции во надлежност на општините, потребата од адекватно финансирање на противпожарната заштита, како и многу други прашања од значење за граѓаните. За поголема искористеност на средствата од европските и другите фондови, беше предложено да се воспостави одредена форма на кофинансирачки фонд, од каде општините, што се во лоша финансиска состојба ќе можат да ги обезбедат потребните средства за кофинансирање на проектите. Управниот одбор на ЗЕЛС едногласно ги усвои новите систематизирани ставовите на ЗЕЛС истакнувајќи дека за нивна реализација следат сериозни активности на ЗЕЛС и тешки преговори со централната власт. Истите ЗЕЛС електронски ќе ги достави до сите единици на локалната власт .

Прифатена иницијатива на Советот на општина Тетово за вклучување на локалните власти во ревидирањето на Законот за игри на среќа

Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, го изнесе заклучокот на Советот на општината кој активно се вклучи во јавна расправа на Предлог-Законот за измени и дополнувања на Законот за игри на среќа со цел реално ублажување и надминување на проблемите во оваа област кои влијаат негативно на секојдневниот живот на граѓаните на оваа општина, при што беше побарано и активно поддршка од ЗЕЛС. Беше посочена потребата да се интервенира во зголемување на бројот на установи од досега утврдената листа, до кои не смее да се отвораат овие објекти (обложувалници, казина, томболи), како и да се предвидат механизми за вклучување и на општината, особено во делот на надлежноста на општинските инспекторски служби во вршење на надзор на почитувањето на законските одредби. Управниот одбор ја прифати оваа иницијатива и истата ја дополни со ставот дека е потребно општините на одреден начин да бидат вклучени и во самите постапките за донесување на одобренија за отворање на овие стопански дејности на нивната територија, бидејќи последиците од нивното отворање се рефлектираат во локалната средина, па незадоволството од нарушениот мир или од други активности, граѓаните го упатуваат кај локалната власт. При тоа беше посочено да се разгледаат и можностите за обезбедување и на финансиска придобивка за локалната власт, од вршењето на овие дејности .

Задолжително почитување на законските одредби и на Меморандумот со Владата

Исто така, беше заклучено ЗЕЛС да упати допис до Владата на Република Македонија во кој ќе побара да се почитува Меморандумот за соработка, склучен со ЗЕЛС уште во 2003 година,од каде произлегува обврската за задолжителна консултација на ЗЕЛС а, со тоа и на општините во Република Македонија, во однос на содржината на прописите кои се во фаза на нивна изработка. За почитување на Меморандумот, Владата да ги информира и своите министерства и служби. Задолжителната консултација со локалната власт пред донесувањето на законски решенија од значење за општините е утврдено и во Законот за локална самоуправа .

Предизвици со паркинг просторот и регулирањето на сообраќајниот режим

Присутните отворија и многу други актуелни прашања, меѓу кои и за предизвиците со креирањето на нови сообраќајни решенија и за недостатокот од паркинг простор. Беше заклучено да се формира Работна група во ЗЕЛС, во чиј состав се : градоначалниците на општините Центар, Куманово, претседателот на Советот на Општина Струмица и извршниот директор на ЗЕЛС. Тие ќе ги утврдат сите предизвици во оваа област и ќе донесат одредени ставови, што ќе ги разгледа Управниот одбор на ЗЕЛС, а потоа ќе се иницираат разговори со адекватните претставници од Министерството за внатрешни работи.

Локалната власт и финансирањето на спортот

Управниот одбор го отвори и прашањето за финансирањето на спортот, како една од надлежностите на локалната власт за поттикнување на масовниот и на училишниот спорт. Многу општини сакаат да им помогнат и на локалните спортски клубови, но за тоа немаат доволно средства во своите буџети, или тоа го прават за сметка на реализирање на инфраструктурните потреби на граѓаните.

Присутните беа информирани за спроведените реформи во правец на даночни олеснувања за стопанските субјекти за привлекување спонзори во оваа дејност. Беше заклучено да се провери законската основа и да се достави допис до УЈП и Министерството за финансии за обезбедување на поддршка за спроведување на овие законски одредби, а општините да организираат средби со претставници од УЈП, со стопанствениците и со спортските клубови, на кои ќе се дискутира за можностите за изнаоѓањето на најадекватни решенија за поддршка на спортот.

Забележани злоупотреби на Законот за постапување со бесправно изградени објекти

Особено внимание беше посочено и на изнесените забелешки за злоупотреба на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, предизвикани поради неговото често пролонгирање, како и за лошите последици што тој ги предизвикува во однос на исполнувањето на обврски на локалните власт. Беше укажано дека со неговата примена двојно се наградија оние кои не го почитувале законот и граделе бесправно. Прво, наместо да се санкционираат им се дозволи нелегалните активности да ги легализираат по законски пат и второ, ги легализираа дивоградбите со минимални средства, односно со драстично помалку средства од оние кои го почитувале законот. Згора на сето тоа, честото пролонгирање на примената на Законот продуцира нови дивоградби, со кои малубројната инспекција не може целосно да се справи, а и општините се исцрпени и не можат без потребните средства за комуналии да ги задоволат инфрастуктурните потреби на граѓаните.

Присутните изнесоа и други иницијативи, меѓу кои потребата за ревидирање на законските одредби поврзани со третирањето на кучињата скитници и обезбедувањето на финансиски средства на општините за да се справат со овој предизвик. Долгата постапка и другите предизвици поврзани со донесувањето на деталните урбанистички планови, исто така беа посочени за разгледување од страна на УО на ЗЕЛС.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.