ЛОГИН ИЗБОРНИК
Login Izbornik

Вашата еmail адреса
за најава на ЛОГИН
еmail листата



За Одјава
ЗЕЛС на своите членки им го честита „26 Април - Денот на општините и роденден на ЗЕЛС“
25 април 2018

 Заедницата на единиците на локалната власт на Република Македонија, на своите членки, односно на сите општини и на Град Скопје, им го честита „26 Април - Денот на општините и роденден на ЗЕЛС“. На овој датум, пред точно 46 години, односно во далечната 1972 година во „Салон 19, 19“, лоциран во барака број 12, во градот Скопје, одржано е основачкото Собрание на кое е формирана Заедницата на општини и градови на Република Македонија (ЗОГМ). Делегатите го донеле Статутот на Заедницата и други одлуки со кои се утврдил начинот на нејзиното натамошно работење. Иницијативата за формирање на Заедницата ја покренале тогашните претседатели на собранија на општините: Куманово, Кочани, Охрид, Скопје и Тетово а, согласност за основање и доброволно пристапување во Заедницата дале претставниците од 34-те македонски општини. Токму затоа и денот на основањето на ЗОГМ - 26 Април, во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „Ден на општините и Ден на ЗЕЛС “.

За прв претседател на ЗОГМ бил избран Драгољуб Ставрев, тогашниот претседател на Собранието на Град Скопје, а за секретар бил избран Љубомир Бабунски. Меѓу повеќето важни втемелувачи и градители на ЗЕЛС биле : Благој Попов, Методи Антов, Кочо Тулевски, Иван Серафимов, Трајче Лазаревски и други кои одамна не се меѓу нас. Исто така заслужни за опстојувањето на ЗЕЛС се и претседателите: Методи Петровски,Никола Ќурчиев, Горан Ангелов, Андреј Петров, Коце Трајановски како и секретарите: Методија Муратовски и Бранко Трајчевски, а се разбира и многу други истакнати личности, кои дел од својот работен век му го посветиле на ЗЕЛС.

Историскиот развој на ЗЕЛС бележи падови и искачувања, паралелно со развивањето на локалната власт во земјата. Периодот во деведесеттите години од минатиот век е потенциран како најтежок за Заедницата, поради силната централизација на власта, по што се спроведуваат подготовките за децентрализација, чие имплементирање започна на 1 јули, 2005 година.

ЗОГМ е реконструиран врз основа на Законот за локална самоуправа во 1995 година, кога постоеле 123 општини и градот Скопје. По локалните избори во 1996 година конституирано е дводомно Собрание на ЗЕЛС ( Домот на Градоначалници и Домот на членовите на советите). Со новиот состав бил избран и првиот Постојан комитет на ЗЕЛС, во март 1997 година, а Претседател на ЗЕЛС, по функција бил претседателот на Домот на градоначалниците. Бил изработен и нов Статут на ЗЕЛС и деловници за работа на Собранието на ЗЕЛС и на Постојаниот комитет. Во согласност со тие документи и со Законот за локална самоуправа се конституирал ЗЕЛС како Асоцијација на единиците на локалната самоуправа во Република Македонија. Особено од 1998 година претставници од ЗЕЛС активно учествувале во процесот на утврдување на потребата од реформа на системот на локална самоуправа и определувањето на принципите во кои таа ќе се одвива. Таквата позиција ги обединувала членките на ЗЕЛС, кои секогаш биле единствени во заложбите и барањата пред централната власт. Политичката припадност на претставниците на општините немала никаква влијание на заедничките одлуки. ЗЕЛС секогаш успевал да ги надмине различните гледишта и да го најде патот до вистинските одлуки. Трендот на соработка и ставање на заедничките интереси над партиските и поединечни интереси продолжи и до денес.

По потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, на 13 август, 2001 година и донесувањето на низа значајни закони за децентрализација на власта во земјава, меѓу кои : Законот за локална самоуправа на Република Македонија во јануари, 2002 година, Законот за територијална организација на локалната самоуправа на Република Македонија од 2004 година (утврдени 84 единици на локална власт) Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа од 2004 година и други, ЗЕЛС се повеќе ја зајакнуваше својата улога, како значаен фактор во креирањето на децентрализацијата на власта и спроведувањето на локалното управување.

Имплементирањето на децентрализацијата на власта, официјално започна на 1 јули, 2005 година. Претходно беа направени статутарни промени во телата на ЗЕЛС, па Генералното собрание броеше 84 делегати, односно го сочинуваа сите градоначалници на општините и на Градот Скопје, како посебна единица на локалната власт.

И денес ЗЕЛС го основаат доброволно, сите 80 општини и Градот Скопје ( Вранештица, Другово, Осломеј, Зајас и Кичево се споија во една изборна единица Кичево, на локалните избори во 2013 година). За ефикасно функционирање на Заедницата, со измените во Статутот на ЗЕЛС на 11 декември 2015 година утврдени се следниве органи: Генерално собрание, составено од 90 делегати; Управен одбор, составен од 22 члена; Надзорен одбор, составен од 6 члена и Комитет на советите, составен од 9 члена. Во рамките на ЗЕЛС формирани се повеќе професионални мрежи, што ги сочинуваат претставници од општинската администрација, со што во работата на ЗЕЛС се обезбедува вклучување на интелектуалните и техничките капацитети од сите општини.

ЗЕЛС дејствува и во меѓународни рамки. ЗЕЛС е членка на: ЦЕМР – Совет на европските општини и региони, НАЛАС - Мрежа на националните асоцијации на локални власти од земјите во Југоисточна Европа и на АЛДА - Асоцијација на агенции за локална демократија. ЗЕЛС, исто така, ја има улогата на Секретаријат на градоначалниците – делегати во Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа и во Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија.

ЗЕЛС решително ги застапува интересите на сите локални власти од земјава, пред централната власт. Претставници на ЗЕЛС остваруваа средби со претставници на Владата на Република Македонија( потпишан е Меморандум за соработка во 2003 година), а преку постојната парламентарна Комисија за локална самоуправа во Собранието на РМ, ЗЕЛС соработува и со народните претставници од законодавниот дом.. Ваквиот начин на функционирање на органите на ЗЕЛС, каде се тргнува од заедничките потреби на сите општини и каде сите одлуки се донесуваат со консензус, ја обезбедуваат уникатноста и високиот дигнитет на Заедницата, не само во земјава, туку и пред значајни европски и меѓународни организации.



назад

Прирачник за новоизбраните градоначалници и советници на општините

Гласило

Одржлива Урбана Мобилност - Mobilitet i qëndrueshëm urban

Стратешки план 2016 - 2020

Е - Градежна дозвола
Електронска градежна дозвола

Родова еднаквост


Градежно Земјиште
GRADEZNO ZEMJISTE

ЗЕЛС е-услуги




© Copyright ЗЕЛС 2009, Сите права се задржани.